Исламската верска заедница соопшти дека е против донесување на законите за родова еднаквост и за матична евиденција и оти нејзиниот став во однос на спорните закони за кои се отвори дебата во јавноста, е „пред се заштита на традиционалните семејни вредности, и по структура и по морал“.
ИВЗ, како што се наведува, и порано излезе со став дека ја поддржува одлуката на сите поглавари на верските заедници во земјава, која дојде како резултат на заедничката средба од 7 мај годинава, при што беше истакнато дека законите за кои станува збор се спротивни на религиозните принципи и тие нема да бидат поддржани.
– Заштитата на семејството и човечкиот ген е основен принцип од кој не можеме да се оградиме, бидејќи тоа е сржта на здравото општество. Историски гледано, во минатото, во моментов и во иднина, ИВЗ секогаш ќе застане во одбрана на националните, верски, морални и духовни вредности, бидејќи заштитата на овие вредности е верска обврска за заштита на човечкото општество. Секоја иницијатива, која било идеја или правен принцип што е во спротивност со човековата природа е неприфатлива за ИВЗ. Според информациите со кои располагаме, спорните закони во Собранието се повлечени од понатамошни процедури и за ова и честитаме на Владата за преземањето на таквиот чекор, се наведува во соопштението од ИВЗ.