По вчерашната средба на шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери со претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска за блокадата на изборот на четири уставни судии, денеска надлежните потврдуваат дека утре или најдоцна задутре изборот на уставните судии ќе се најде на дневен ред на собраниската Комисија за избори и именувања.
-Изборот на уставните судии веќе утре или најдоцна задутре ќе се најде на Комисијата за избори и именувања, потврдила за „Слободен печат“ претседателката на Комисијата, Марија Георгиевска.
Според Греоргиевска, продолжението на седницата на Комисијата за избор на судиите се одолговлекло поради обврски на членови на Комисијата.
-Заради обврски на членови на Комисијата надвор од државата и поради закажани пленарни и седници на комисии не беше закажано продолжението на седницата за избор на уставни судии. Утре или задутре ќе ја закажам седницата. На претходната седница беа доставени девет предлози за уставни судии и тоа три од мнозинството и шест од опозицијата. Биографиите на предложените кандидати се доставени до пратениците и очекувам дека расправата ќе биде конструктивна, вели Георгиевска.
На прашањето зошто се дозволило претседателката на Судот да мора да интервенира кај државниот врв за избор на судии, кога тоа е работа на пратениците, односно на Собранието, Георгиевска со одговор дека на средбата се разговарало и за дополнителни активности и иницијатив на Уставниот суд и се спомнал и застојот за избор на уставните судии.
Кацарска по состанокот со државниот врв изјави дека ако до крајот на годината Уставниот суд не биде комплетиран тогаш на државата и се заканува уставна криза.
Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени девет судии. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по речиси една година откако Уставниот суд работи со намален број на судии, на 13 мај ја почна процедурата за избор на нови уставни судии.
Предложени се девет кандидати. Пратениците од власта ги предложија републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер и Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложија шест кандидати: универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.