Младен Чадиковски е новиот претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Тој беше избран на денешното редовно изборно собрание на кое од вкупно 555 членови присуствуваа 175, а за него гласаа 86. Неговиот противкандидат во трката за прв човек на ЗНМ Стојанче Наумов доби 77 гласови. Досега функцијата претседател на ЗНМ во два мандата ја вршеше Насер Селмани.
Чадиковски по прогласувањето на резултатите од гласањето порача дека во текот на неговиот мандат нема да прави компромис кога станува збор за слободата на говорот и професионализација на медиумите.
-Останувам на постулатите кои ги кажав на почетокот дека нема компромиси во однос на слободата на говорот и професионализација на медиумите и новинарството во Македонија. За тоа ќе се залагаме во следните четири години за да можеме да кажеме дека сме постигнале повеќе од она што досега е постигнато, рече тој.
На денешното Изборно собрание на ЗНМ беа избрани и новите членови на Управниот одбор, Надзорниот одбор и на Судот на честа.
-Во Македонија во мода е помирувањето како еден термин кој беше промовиран и тој не смее да остане само на збор. Во таа насока сакам искрено и од срце да кажам дека ќе бидам претседател на сите членови на ЗНМ, без разлика од кои медиуми и редакции, телевизии доаѓаат, без разлика од каде јас доаѓам. Заеднички интерес ни е новинарската професија, а интересите на сопствениците и останатите политички фигури не треба воопшто да не вознемируваат, ниту пак со нив да се занимаваме. Јавниот итерес ќе остане пред се и над се, порача Чадиковски, презентирајќи ја својата програма пред учесниците на Собранието пред гласањето.
Истакна дека лажните вести, дезинформациите, црната пропаганда се мошне чести појави кои треба да се искоренат од новинарската професија и даде коментар на обвинувањата, кои дојдоа на негова сметка дека како уредник во 24 Вести дозволил да се отпушти од работа бремена новинарка.
-Во овој момент ние на себе сме си најголеми непријатели и тоа мора да се промени. Кога денес мене ме обвинуваа од страна на Канал 5 не можам да не кажам дека постојат различни причини зошто некој останува без работа. Само јас два пати останав без работа. Потенцирам дека за конкретниот случај за кој бев обвинет дека станува збор за процес кој е надвор од моите ингеренции и како новинар и како уредник, рече тој и нагласи дека никој со предумисла не би оставил без работа жена која е бремена.
Истакна дека иако имаме силно ЗНМ, Совет за етика во медиумите и други тела, сепак новинарството не е на високо ниво и како никогаш досега има пропаганда и лажни вести.
Претставувајќи ја програмата рече дека слободата на говорот и професионалното новинарство се двата столба „за кои нема да правиме компромис со никој и ништо“.
-Политичарите, особено кога се на власт секогаш имаат цел да го стават новинарството во некои рамки. тоа е можеби природна појава за политиката во Македонија, но многу природно и нормално ќе биде тоа да не им го дозволиме. Ни треба силна новинарска органзиација и професионално новинарство за да се соочиме со предизвиците, порача Чадиковски.
Вети континуитет во политиките што се однесуваат на финансирање и на јавните пари, брзо донесување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, можеби следната недела или најдоцна до крајот на годината, јакнење на јавниот радио-дифузен сервис, за кој рече дека треба да биде столб на градење на стандардите на професионалното новинарство, а не на негово уривање. Вети и доволно фондови за дописничката мрежа, како и инстистирање да се воведе дописништво од сите поголеми градови во земјата, како и креирање нови модели во рамки на ЗНМ за истражувачко новинарство и за обучување на млади новинари истртажувачи.
Наумов, пак, во почетокот на своето обраќање со пофални зборови за работата на досегашниот претседател Насер Селмани, но и со забелешка за неговото, како што рече агитирање низ градовите во земјата пред изборното собрание, за еден од кандидатите.
– Насер ќе беше доблесен до крај ако последниот период пред изборите си заминеше достоинствено без да ја направи најголемата грешка, која остава дамка на ова Собрание. Насер со храброст пишуваше за злоупотреба на државни ресурси за партиски потреби за време на избори, а сега Насер одеше низ внатрешноста на Македонија и агитираше, но сигирно не за мене, рече Наумов.
Нивото на новинарската професија го оцени како крајно незадоволително. – Сите сме за никаде, јас сум за никаде, новинарството ни е отидено бестрага. Во 2017 година над 270 новинари останале без работа, оваа година таа бројка ќе се зголеми за уште 150. Просечната плата во државата не е просечна за новинарите, далеку се зад просекот, во поголемиот дел медиумтите новинарите ги ангажираат хонорарно. Не ни треба програма за работа на ЗНМ, ни треба програма за спас на новинарството, стратегија за медиумите која треба да одговори на многу прашања, нагласи тој.
Како приоритети во својата програма ги наведе статусот на новинарите, зголемување на стандардите, повисоки плати, солидарен фонд, зајакнување на соработката со бизнис заедницата, зголемување, но и прочистување на членството од неетички новинари.
На изборното собрание беа презентирани извештајот за работата на ЗНМ, финасискиот извештај, како и резултатите од проектот „Мрежа на новинари за медумските слободи во Македонија.
Пред присутните се обрати и генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гуитерез рече дека за реформите е потребно време и трпение.
-Бевме сведоци на времиња преполни со предизвици, за да се реализираат соодветните реформи потребно е трпение, посветеност, енергија, борба и солидарност, но исто така и време. Решавањето на проблемите и реформите бара трпение и посветеност, како и солидарност, рече тој и упати апел да продолжи оваа борба.
-Да запаметиме ние сме чувари на демократијата, мора константно да му служиме на јавниот интерес и треба да учествуваме во процесите за контрола на власта, владата опозицијата, работодавачите, додаде тој.
Фрејк Јанмат од Делегацијата на ЕУ, која е најголем донатор на активностите на ЗНМ истакна дека слободата на изразувањето и слободата на медиумите се гарантот за развојот на демократијата и човештвото во целост.
-Ова фундаментално човеково право е дел од вредностите на ЕУ и од политичките критериуми за влез во Унијата. Изминатиот период имаше сериозни нарушувања на медиумските слободи во земјите од Западен Балкан, што беше нотирано во извештаите на ЕК, но и од бројни меѓународни организации, рече тој и додаде дека мора да се стави крај на таа пракса.