Стевче Јакимовски, претседател на политичката партија „Гром“ денес гостуваше во емисијата на Алфа телевизија каде што посочи дека СДСМ со ПР стратегии и преку СЈО сакаше да изврши врз него дискредитација.
„Концептот на СЈО беше да изврши и моја дискредитација, она што јас го знам е дека за мое соборување беше применет и посебен проект. Тоа беше посебен проект на тогашната опозиција после тоа и власта за рушење на Стевче Јакимовски во Карпош“, истакна Јакимовски.
Јакимовски додаде дека денешната власт смислуваше теми, наслови само да го тргнат од локалната самоуправа. Дури и посочуваа дека Јакимовски има стан во секоја зграда, па ако имаше зошто СДСМ не ги обелодени становите.
„Во Карпош се направено вкупно 36 згради, за тие осум ипол години како сум бил јас градоначалник“, нагласи Јакимовски.
Јакимовски запраша како наеднаш за СДСМ тој стана криминалец, како наеднаш започна да работи против интересите на жителите на Општина Карпош или пак наеднаш започна воздухот да не чини. Сето ова беше само пропаганда предводена од СДСМ само да си постават свој градоначалник.
„Сето тоа се смислени ПР стратегии, и онаа закана која што беше и од претходното нивно раководство, но и ова со понудите да влезам во коалиција со СДСМ 2016-та година, а условот беше дека мене воопшто нема да ме гонат, закачаат што јас и тогаш и потоа, и сега повторно го кажувам истото, со СДСМ коалиција не правам“, нагласи Јакимовски.