Државната комисија за спречување на корупцијата нема отворено предмет за поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева која е во притвор и третосомничена во случајот „Рекет“.
Претседателката на Антикорупциска Биљана Ивановска изјави дека тие не водат случај за Јанева, случајот е во Обвинителството. Поранешната специјална обвинителка пријавила само една промена во анкетниот лист и тоа за купување половно возило.
-Катица Јанева има поднесено една промена на анкетниот лист. Се однесуваше за купено возило. Обвинителството си води истрага. Ние не водиме предмет за Катица Јанева во моментов, бидејќи доволно се истражува во јавното обвинителство, рече Ивановска додавајќи дека во нејзиниот анкетен лист е само таа една промена, и оти нема значителни движења.
Членовите на атикорупциска, како што кажа таа одговарајќи на новинарски прашања, не ги проверувале анкетните листови на другите обвинители од поранешното СЈО, но кажа дека тие редовно поднесувале анкетни листови.
-Не сме забележале нешто посебно некакви промени, рече Ивановска.
Јанева, но и другите обвинители од СЈО најдоцна за 30 дена по разрешувањето или престанок на мандат треба да поднесат анкетен лист за промена на имотната состојба.
ДКСК се уште работи на случаите Тополки и Рашковски, но за вториот случај, кажа Ивановска ќе биде потребно подолго време. (МИА)