Полагањето на матурата не се доведува во прашање, ниту тоа се прави со нивното барање за промена на концептот на полагање на матура. Концепцијата може да ја смени и самата министерка за образование на предлог на Бирото за развој. Ние треба да им излеземе во пресрет бидејќи е специфична ситуацијата, полошо од ова е само војна, а ние изгубивме за еден месец 350 граѓани од корона, рече професор Весна Јаневска, претседателка на Комсијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ на гостувањето во емисијата Топ тема на телевизија Телма
-Не гледам причина зошто да не им олесниме. Не станува збор за неполагање матура, кршење на права и обврски. Станува збор за разбирање и широкоградост, ако се расположени за договор и нека се договорат, бидејќи тие требаше да пријават полагање до 31 декември и тоа го сторија, рече Јаневска.
Професорката Јаневска кажа дека ВМРО-ДПМНЕ бара измена во Законот за средно образование во член 38 и дека тоа се бара само за овие матуранти од оваа година, условно за следната година.
-Ако пратениците размислат реално, не политички се надевам дека на измените на предложениот Закон ќе гласаат и ќе им овозможат на матурантите да полагаат матура со два наместо четири испити, рече Јаневска.