Д-р проф. Весна Јаневска, претседател на комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ во „Утрински брифинг“ зборуваше за проблемите во образованието, укинувањето на учебниците, како и останатите пропусти од страна на министерката за образование Мила Царовска.
Во однос на денешниот протест на учениците и родителите, Јаневска истакна дека протестот не е во организација на ВМРО-ДПМНЕ, туку дека главни двигатели на истиот се револтираните родители и ученици кои што се против укинувањето на учебниците и онлајн наставата.
Таа додаде дека ВМРО-ДПМНЕ не е против дигитализација на образованието, напротив во програмата на ВМРО-ДПМНЕ има многу дигитализирани образовни проекти, но исто така смета дека учебниците се нераскинлив дел од образованието и истите мора да продолжат да бидат во употреба.
Доколку министерката биде упорна во намерата да се укинат пишаните учебници, тогаш тоа значи дека според едни анализи над 20.000 ученици ќе останат без учебници, а според други анализи бројката достигнува и над 40.000 ученици. Овој податок го потврдува и самата министерка, бидејќи вели дека во време кога била министерка за труд и социјална политика, доделила детска образовна помош на над 40.000 дечиња, вели Јаневска.
-Министерката Царовска во неколку наврати потенцираше дека пишани учебници ќе има само за учениците до трето одделение, додека пак оние од четврто до деветто одделение ќе учат преку новата дигитализирана платформа. Потоа ретерираше во својата изјава, најверојатно под влијание на јавноста, па рече дека сукцесивно ќе се укинуваат учебниците, што значи дека во секој случај за неколку години од денес, учениците од четврто одделение ќе немаат учебници за следење настава. Тоа е еден вид на осакатување на образовниот процес на учениците, кој ќе влијае негативно директно на нивното образование и просперитетот во областа на науката, истакна Јаневска.
Доколку Владата сака да го испроба овој експеримент, тогаш треба задолжително да овозможи печатени учебници за оние ученици кои што сакаат да учат преку учебниците, додека пак опцијата за дигитализиран учебник да биде достапен за сите ученици кои што сакаат да учат и на таков начин. Воедно, печатените учебници не треба да бидат на терет на училиштата, односно тие не треба да бидат во принтана форма како скрипти, туку да бидат учебници кои што се користеле и во минатото, односно автентични со содржината која што ја имало и претходно во нив, заврши Јаневска.