Весна Јаневска, претседателка на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашното гостување во емисијата 10 минути што се емитува на телевизија 21 рече дека во образованието начелно не треба да има компромиси.
„Квалитетот на образованието се цени по тоа како системот на образование се справува со предизвиците во процесот. Колку поуспешно се справува, толку поуспешно е самото образование и не треба да има компромиси наспроти учењето стекнување на компетенции на учениците, студентите. Сега имаме ковид генерација, или имаше ковид, па штрајкови, сега дојави за бомби. Тоа е пропуштена настава“, рече таа и додаде дека треба да им се излезе во пресрет на овие генерации.
Јаневска се осврна на барањата на средношколците да им се намали материјалот за полагање на државната матура.
„Овие деца имаат право на дел од тоа што го бараат, иако искрено, кога мене би ме прашале јас не би сакала да биде така, но мора да бидеме чесни кон нив и јас лично ги поддржувам“, вели Јаневска. Според неа Министерството за образование и наука треба да и понуди на Владата решение.
Во однос на доцнење на ученички стипендии по четири до седум месеци, Јаневска вели дека не е оправдување дека ги добиле одеднаш тие пари.
„Тие пари не вредат веќе со оваа инфлација во земјава. Ако ги имаат континуирано можеби ќе си купат ќе се купат книги храна“, посочи Јаневска.
Според професор Јаневска во моментов многу малку се издвојува за образованието.
„168 илјади евра се издвојуваат за годишнина од формирање на Владата, зошто? За што се парите, за да се слави неуспех? Тоа се фрлени пари. Ова е период кога студентите, учениците, наставниците се на улица, слушам и докторите најавуваат протест. Ова е само еден пример дека пари определни за вакви работи и слични треба да се пренаменат“, рече Јаневска.
Јаневска посочи дека нема никаков консензус за образованието.
„Во однос на образованието нас ни се случува пречесто да се наметнуваат некакви реформи кои се избрзани, натурени, неподготвени… Консензус во некои политики како образование, здравство мора да има“, вели Јаневска која заклучи дека сето ова резултира со тоа да немаме универзитет на светските листи или да биде на дно на истите.