Веројатно не треба многу да се елаборира дека карантинот од сабота до вторник наутро, за време на верскиот празник Рамазан Бајрам на муслиманите, од кои најголем број се Албанци, е класична местенка за Чулев и ВМРО-ДПМНЕ. Како што е јасно и дека тој карантин, Албанците, односно дел од нив во комуњарска служба, нема да го почитуваат. Идејата е очигледна – Чулев да им отвори војна. Да тргне со приведувања, па тие ќе се организираат и ќе излезат на улица и пред полициски станици, лесно ќе се исценира некој да биде повреден и лавината ќе тргне. Се сеќавате на Сингелиќ. Демек Чулев апсеше, а сдсм-овецот Георгиевски ослободуваше. Знаете што требаше да се случи во Струга? Знаете, нели! Патем, јасно ви е дека од постапките што Обвинителството наводно ги поведе против оргнизаторите на литијата, нема ништо. Зашто тоа не беше ни целта. Целта беше Чулев да влезе во војна со народот, а не ЈО да ги гони. Ќе најадат на крајта некој сиромав, е му одредат казна колку да се покријат и тука се ќе заврши.
Истата шема отприлика се подготува и сега. Така ќе го добиеме „ВМРО-овското“ МВР против голоракиот албански и муслимански народ. А во исто време, демек, сатисфакција ќе добијат и православните христијани кои останаа дома за Велигден и кои јадеа со исто лажиче, пропаганда во која беше впрегнат целокупниот спам на комуњарите и УДБА. ВМРО и Чулев ќе се обидат да парираат со тоа дека за „војната“ виновни се началниците од СДСМ, дека директор на Јавната безбедност е ортакот на Заев со пиштолот од Собрание, но фалшливата пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ во овој момент не е способна да се носи со пропагандата на комуњарите, иако против себе има никогаш послаб противник. Но, бадијала што противникот ти е трета класа, ако ти си четврта.
Така, кај Албанците ќе се зацврсти перцепцијата за клетото ВМРО кое ги мрази и им ги гнаси дури и најсветите верски чувства, наспроти лебедите од СДСМ кои ги вадат и ослободуваат од зандани, додека овие првиве ги тепаат и затвораат. Албанските политички партии ќе застанат зад таа перцепција, бидејќи, ним пак, им е сеедно дали некој ќе биде повреден или, не дај Боже, ќе загине, ако тоа значи дополнителна девастација на Северна како држава. Што поголема девастација, тоа подобро.
Сето тоа ќе значи дека не вои кон уште еден и тоа клучен аргумент дека ни требаат брзи избори, за „заробената“ држава повторно да се ослободи од ВМРО, како што Заев ја ослободи пред три години, и тоа од ВМРО кое сега има само еден министер во Владата. Па така, после карантинот, супер Филипче пак ќе испадне Супермен, бидејќи, бројките како резултат на неговата умност, премудрост и способност, одново ќе почнат да паѓаат. Се разбира, никому нема да му падне на памет дека ако бројките со заразени се намалувале, па сега почнале пак да растат како резултат на олабавените мерки, истиот тој Филипче треба прво да сноси одговорност, бидејќи заразените не се тие кои кои ги олабавија мерките, туку Филипче, неговата Комисија и Владата. А, да не заборавиме, имаме работа со човек кој не се стеснуваше пред камери да не лаже дека на внуката и става вакцина, демек видете го човеков, во пустина, како свети Јован, ако треба 40 дена со скакулци ќе седи ако тоа е за наше добро, иако прашањето со задолжителните вакцини се решава лесно и едноставно. Уште пред повеќе илјади години луѓето за тоа измислиле држава, а не пропаганда. Зошто сега би било поинаку? Е, па, поинаку е, зашто во прашање е рејтингот на Филипче и СДСМ.
Како и да е, тоа не значи дека заразата и сегашните бројки не се точни. Напротив, веројатно се и поголеми. Посебно што се погласни се оние стручњаци кои тврдат дека ако на почетокот од кризата која нашата премудра власт не ја виде, се сметаше дека бројот на заразени се проценува така што бројката на утврдени позитивни се помножува со десет, сега множењето е со 50. Значи ако сте откриле 100 заразени, бројот на неоткриени е 4 900 итн.
Но, без разлика на тоа, ова со мерките веќе личи на играње мајтап, а политичката манипулација е очигледна. Не знам колку се свесни оние неутралните од таа Комисија на Филипче, луѓе кои си ја знаат професијата, но дека се впрегнати во неговиот пи-ар и политичката агенда на нобеловецот од Муртино и пајакот од Куманово, сега е повеќе од очигледно.
Во секој случај, Македонија изгледа е првата држава каде бројот на заразени се намалил, па одново се зголемил (на Србија тоа и се случи, но изолирано, по инцидент во Врање). Интересно, тоа се случува токму тогаш, кога се разгореа политичките игри околу изборите на кои инсистира нобеловецот. И тоа, бројките почнаа да се зголемуваат на само ден-два по деновите во кои „свети Филипче“ кој ја „убива короната“, ни велеше дека станува збор за кластери кои тие ги знаат, што би значело дека останатиот дел од популацијата е ок. Ако Филипче и Комисијата сакаат да ни кажат дека тие кластери се врзани за Албанците и муслиманите и дека поради тоа е карантинот, тогаш поентата е повторно промашена, бидејќи на тоа ќе следи соодветна реакција и од останатите кои не се ни Албанци, ни муслимани, а овие последниве, како што рековме, и онака нема да го почитуваат карантинот, посебно не оној дел од нив кој ќе биде инструиран тоа да го направи за да се предизвика посакуваниот судир со МВР. Така што, „свети Филипче“, најди си друг начин за решавање на проблемот кој самите го создадовте, бидејќи овој лек што сега го предлагате е поопасен од самата болест.
Бидејќи овие редови се пишувани во време кога Владата се уште не одлучила дали ќе го прифати предлогот за карантин, останува и можноста во последен момент Али Ахмети и неговите министри да не го прифатат и да се обидат да спречат Владата да ја донесе одлуката, иако досега не се случило предлог на Комсијата за заразни болести да биде одбиен. Така ќе дојдат во небрано: на една страна постојано велат дека во се треба да се слушаат експертите, а тие фактички да постапат спротивно на тоа.
Не е исклучено ни СДСМ да се обиде да изигрува херој, па да ги спасува Алабнците од карантин, но така и тие ќе влезат во дубиозна шема. Посебно што смешен ќе излезе нивниот пулен Филипче на чиј вештачки избилдан рејтинг, благодарение на четвртата класа која е од спротивната страна и која живее на друго небо без да ја види маглата која таму владее, прилично се потпираат. Така што и за нив, работата е – нагоре високо, надоле длабоко. Но, ајде да видиме. Ако нешто СДСМ покажа во овие три години, тоа е дека партијата н нејзината пропаганда се шампиони кога треба да се биде инвентивен во глупоста.
Патем, ако ги следите денешните вести ќе видите дека веднаш по предлогот на Филипче за карантин доаѓа онаа за жалење несреќа од портпарол на СДСМ, кој и натаму вергла дека ВМРО се плашел од избори кои треба да бидат на 21 јуни. Не знам дали ВМРО се плаши од избори, ама твојот министер да предлага карантин, па потоа да вели дека после карантинот врзан очигледно исклучиво за Рамазан Бајрам, да следи отворање на кафеаните, а ти да зборуваш за избори, е прилично јасна демирхисарска дијагноза.
Дарко Јаневски