Во оваа ситуација на ќорсокак не донесоа СДС и ДУИ. Кога течеа преговорите ние од ВМРО-ДПМНЕ понудивме да учествуваме во процесот со наши предлози, тие одбија и сега кога има проблем ние треба да ги вадиме од оваа ситуација, изјави за „Стадион“ на радио Канал 77, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски.
Јаревски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ за разлика од СДС, ги стави државните интереси пред се и нуди предлози во интерес на македонскиот народ, идентитет и обележја.
– Дадовме два предлози, уставни измени со одложено дејство, а другиот се базира на гаранции од Европскиот совет, социоекономски пакет и прифаќање и имплементација на пресудите од Судот во Стразбур од страна на Бугарија. Факт дека доколку се прифати било кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија ќе има подобра позиција, рече Јаревски.
Јаревски истакна дека над 70% од граѓаните се против ваквите услови како во моментов, затоа што постои ризик од загрозување на македонскиот идентитет и дека тоа го потврди и Јотова потпретседателката на Бугарија која кажа дека уставните измени се само почеток, па следуваат историјата учебниците.
– ВМРО-ДПМНЕ секогаш стоел и ќе остане на браникот за заштита на националните интереси. Понудивме два предлога за излез од ќорсокакот, а Македонија да не трпи штета, ниту македонскиот народ да не трпи штета, рече Јаревски.
Јаревски нагласи дека се ова од СДС го знаат, но наместо да кажат кој предлог го прифаќаат оттаму има само шпекулации и посочи дека затоа Ковачевски треба да прифати тв дуел со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– СДС го знаат тоа и не знам зошто имаат хаотичен и шпекулативен настап по лидерската средба. ВМРО-ДПМНЕ нема поместување од почетните ставови. Седум дена СДС вадат реченици од контекст и упорно се обидуваат да прикажат извртена реалност Ковачевски нека прифати дуел пред цела јавност, па да видиме кој ја зборува вистината, изјави Јаревски.