Пратеничката група на СДСМ во текот на вчерашниот ден, дрско и без срам го препиша амандманот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со кој вработените во органите во состав на Министерството за финансии т.е. вработените во управата за имотно правни работи и административните службеници во другите институции ќе добијат повисоки плати за 30%, изјави денеска пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски.
Во продолжение интегрален текст од изјавата на Јаревски:
Политиканството и комплексите на СДСМ повторно излегоа на виделина.
Иако предходно пратениците од СДСМ стоеја цврсто до мислењето на Владата дека не заслужуваат сите да добијат покачување, откако се соочија со реакциите на вработените и откако се соочија со аргументите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, наместо да признаат дека грешат, наместо да побараат да се приклучат како потписници на амандманот поднесен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, тие решија да го препишат амандманот на ВМРО-ДПМНЕ и дополнително да го поднесат.
Ниту дискутираа по амандманите, ниту укажаа што нечини во амандманот на ВМРО-ДПМНЕ, ниту укажаа што е различно во нивниот амандман.
Пратеничкото мнозинство не е тука за да дискутира, нивната задача е само за да гласаат.
За целата ситуација да биде уште по смешна, парламентарното мнозинство го отфрли амандманот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и го изгласаа истиот амандман кој што претходно го препишаа.
Ова покажува дека СДСМ нема капацитет за демократските процеси немаат интерес за конструктивни дебати, туку нивната единствена заложба во Собранието е демонстрација на политиканство и слепо извршување на партиските наредби.
Ние ќе продолжиме да се бориме за интересите на сите граѓани на Република Македонија, ние ќе продолжиме да бидеме принципиелни и конзистентни во нашите заложби во работата на Собранието на Македонија и секогаш аргументирано ќе се спротиставиме на сите погубни политики на Владата и владеачкото мнозинство, рече Јаревски.