Ние не само што треба да имаме континуирани средби и континуирана комуникација, треба да бидеме во континуирана соработка со граѓанинот. Треба почесто да ги слушаме и туѓите мислења, различните ставови, да ги имаме во предвид и стручната јавност, синдикалните организации, невладиниот сектор, граѓанскиот активизам. Ние пратениците сме претставници на граѓаните, треба да ги преставуваме нивните заложби, нивните желби, нивните проблеми. Законските решенија не треба да генерираат проблеми, тие треба да рамка во која сите ќе се решеваат, истакна Тони Јаревски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во „Утрински Брифинг“.
Јаревски додаде дека во Македонија се случуваат четири кризи.
„Она што мене ме тишти, а верувам дека и сите ги тишти, е тоа што не можеме никако да излеземе од овие четири кризи. Ние сме верувале или не, се уште во мигрантска криза, ние имаме и здравствена криза, имаме енергетска криза, дури не можеме да ги затоплиме граѓаните на метрополата па сега имаме и прогласена и топлинска криза. Дополнително на тоа е она што никој не ја споменува и економската криза односно политичката криза“, појасни Јаревски.
Јаревски посочи дека моментално има огромна недоверба од страна на граѓаните во институциите, недоверба во иднината што следи, и желбата за напуштање на државата. Нема покатастрофална состојба од оваа сега.
„Ситуацијата со платите е само редослед на она што доаѓа како последична приказна. Условите се тоа како да направиме ние подобро опкружување и подобра иднина на нашите идни генерации. Конкретно за платите, има ситуација каде што им паѓа рејтингот и мислат дека со неколку трикови и маневри ќе направат пресврт во целокупната ситуација. И дојдовме до приказната за минимални плати. Уште тогаш имаше дискусии каде што беше укажано не само од опозицијата, во најголем дел од дискусиите што ги имавме во Парламентот и вчера што дискутиравме беше само пренесено ставовите од јавноста бидејќи од власта немаа слух. Не треба да биде дискусијата, дијалог на глуви, и тоа го потенцирав на самата дискусија“, рече Јаревски.
Јаревски укажа дека во државата загрижува што се шетаат одредени луѓе од власта со торби пари, местење тендери и тоа 3-4 пати поголеми од реалната цена, институции кои што воопшти не функционираат, а Македонија е на дното во најсиромашните земји во Европа, и исто така државата е најкорумпирана во Европа.
„Денешната 1000-ка кога ќе влеземе во маркет не е веќе 1000-ка и за мене и за граѓаните. Претходно полневме цела количка, а сега не можеме да наполниме едно ќесе. И тука доаѓаме до проблемот за минималната плата“, нагласи Јаревски.
Јаревски истакна дека власта прави само калкулации и манипулации од кои страдаат само граѓаните.