Во тек е претпоследната година од мандатот на Стефан Богоев и СДСМ како раководат со Општина Карпош. И тоа е единствената позитивна вест за Карпош и Карпошани, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Мандат кој ќе остане запомнет по огромните очекувања и уште поголемите разочарувања и неисполнети ветувања. Досега веќе на сите им е јасно дека нема ништо од трите ветени базени во училиштата, нема ништо од инфраструктурните проекти, ги нема ветените пешачки зони, ниту пак велосипедски патеки, нема нов парк на кејот, нема ништо и од помпезно најавениот пензионерски со сојузот на Боки 13. Но затоа добивме шуга и мрса во училиштата, нехигиена насекаде, запалени депонии, исушени дрвја и паркови, пукотници по булеварите, разбојништва и кражби по домовите, физички пресметки и закани во нефункционални училишни одбори, сомнителни урбанистички планови, уништена урбана опрема, неодржувани детски игралишта, слободно паркинг место како невозможна мисија и токсичен воздух за 4 сезони. Ќе остане мистерија каде исчезнуваат 10-ина милиони евра од буџетот годишно во услови кога Општина Карпош функционира како невладина организација надевајќи се на по некое грантче или донација. Ќе остане мистерија и фактот што со Одлуката за милионската помош на спортскиот клуб наместо развој и напредок го однесе во последната фудбалска лига, потенцира Јаревски.
Тој додава дека ќе остане мистерија и како Карпошовото културно лето се сведе на дводневен настан.
-Можеби најголемата мистерија од овој мандат ќе остане како ли само успеаја да засадат околу 300 скапи повеќегодишни дрва и најголем дел од нив да ги исушат и угинат за само неколку месеци. Ваква состојба за Карпош е неприфатлива. Карпошани заслужуваат многу повеќе. Потребна е обнова на Карпош. Потребна е обнова на Македонија!, вели Јаревски.