Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски во гостување во емисијата „Патот Кон“ на Алсат говорејќи за состојбите во судството и разрешувањето на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, истакна дека тоа е само слика на колапсот кој се случува во државата на сите нивоа, а се пресликува и во судството.
„Тоа е само една слика на колапсот на државата што ни се случува на сите нивоа и така се пресликува за жал и во судството. Она што бевме сведоци сите ние и јавноста, незнам дали соодветниот термин би било бламажа, резил или шок. Веќе во оваа држава не се почитува ништо. Начинот на кој што беше тоа направено без да се запази ништо е само една рефлексија на партиските инсталации на ДУИ и на СДСМ која што зема се поголем замав. Ние се доведовме во ситуација да бидеме шамарани од сите страни. Веќе не говориме само за извештаи за корупција и транспарентност, туку се доведовме во ситуација да имаме писмо од американскиот амбасадор за ситуацијата во судството“, истакна Јааревски.
Тој исто така додаде дека за ваквите состојби и за ниската доверба во судството од собраниската говорница се алармирало континуирано, но ништо не е сменето.
„Дали ова што беше изјавата на Дамева вчера на еден национален медиум за довербата во судството не ја повторивме ние од говорницата барем 100 пати. Зошто довела до тие 3%, дали сега има некоја разлика кога нејзе и се случува тоа, а ставете се во кожа на еден обичен граѓанин или на оние кои што беа под политички прогон изминативе неколку години. Дали ние не укажувавме со месеци за состојбите во судството? Имавме жестоки дискусии каде што укажувавме и за Апелационите судови. Ние имаме по секој еден судија по една претставка, или уште полоша состојба, имаме вкупен број на претставки против судиите што ако не е по еден судија по една претставка, тогаш имате ситуација по неколку претставки на еден судија и тие се се уште таму застапени“, потенцираше Јаревски.
Јаревски додаде и дека ваквата состојба во судството со оваа власт не може да се подобри бидејќи е потребен ресет кој ќе овозможи функционирање на правната држава.