Претседателот на Унијата на Млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, преку колумна реагираше на интервјуто на „Лидер“ со претседателот на СДСМ, Дарко Каевски, насловено „Дарко Каевски: СДММ ја подржува парадата на гордоста!“
Колумната на претседателот на подмладокот на опозицијата ви ја пренесуваме во целост:
пишува: Јован ЈАУЛЕСКИ, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ
Да вршиш функција во влада поради која имаме највисока стапка на младинска невработеност во Европа е срам, а не гордост! Да вршиш функција во влада поради која полни автобуси млади си заминуваат од државата, а ти не правиш ништо за да ги задржиш е уште поголем срам, и ни малку не може да биде гордост!
Повторно да употребуваш полу вистини и да ги претставуваш како вистина е во најмала рака дрско и безобразно. Да 626 илјади граѓани, најголем број млади се иселени од Македонија, но од 1960 година. Иселувањето кое вие велевте дека ќе го запрете, сега се зголеми. Срамота! Навистина срамота!
За кој спорт зборуваш Дарко, кога најголема активност на институцијата која ти ја предводиш е финансирање на стихозбирката која изобилуваше со говор на омраза, сексизам и навреди кон другите етнички заедници!? За друга активност никој ниту знае, ниту слушнал, затоа што ја нема!
Гордост е да се бориш против гореспоменатите негативни појави за кои со прст не мрдаш, а не е гордост да ги потценуваш вредностите на семејството и бракот како заедница помеѓу еден маж и една жена.
Не можам, а да не се насмеам и на обидот да ја прикажеш Македонија, како слободна држава, каде слободата на говор и изразување е загарантирана. Па која слобода Дарко, кога имаш професионални новинари, со децениско искуство, кои кажуваат дека не се чувствуваат до крај безбедни да ја работат работата која ја вршат, кога имаш рекет од таканаречени газди на медиуми, а како власт ништо не преземате, туку заедно со нив харате низ државата!?
За крај Дарко, срамота, срамота е да зборуваш за младите, а да немаш направено за нив ништо повеќе од две години. Не се младите нискоинтелегентни, па да не можат да разберат. Паѓате Дарко, затоа што ништо не направивте и сте во паника!