Во моментов чувствувам среќа, но и горчина, гнев, тага и разочараност. Измешани чувства. Измешани исто како и вредностите и принципите во нашето општество кое ги наметнаа таканаречениот граѓански активизам скриен под превезот на СДСМ или обратно, чии активисти едвај чекаа да се сместат во удобните фотелји на власта. Чувствувам горчина и разочараност затоа што излажаа и изневерија стотици илјади млади надежи во оваа наша држава Република Македонија. Чувствувам гнев затоа што заборавија на се што ветија и ја уништуваат секојдневно иднината, која што и онака не им ја нудат на младите во Република Македонија. А среќен сум, среќен сум затоа што пред мене гледам млади луѓе во оваа сала кои се на вистинската страна, жедни за промени и победи, изјави денеска Претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ Јован Јаулески.
Во продолжение Ви го пренесуваме интегрално обраќањето на Јован Јаулески:
Добар ден УМС и добредојдовте на 28 годишна конференција на УМС ! Вие сте генерацијата на млади кои ќе не предводат кон нови победи! Вие сте генерацијата на млади кои ќе донесат нова енергија!
Овде гледам жедни луѓе за промени и победи! Младите во Република Македонија заборавија што значи да победуваш и да се осеќаш гордо и достоинствено.
Секојдневно доживуваме порази на секој план. Секојдневно, каде и да се завртиме гледаме разочараност и тажни и скиснати лица, кои без да говорат кажуваат дека едвај чекаат да се иселат и никогаш повеќе да не се вратат назад.
За жал, владее апатија која е резултат на влошената состојба изминативе 2-3 години. Апатичност која највеќе и одговара на власта, на СДСМ, на најголемиот непријател на младите Зоран Заев. На човекот кој со својата свита гладна за власт и пари, ја однесе Република Македонија во неповрат.
Кажете ми дали има еден млад човек со кој сте разговарале и ви рекол: Одлично е, супер се живее, ќе биде подобро? Нормално дека нема таков. Заев и СДСМ ја убија и последната ронка надеж кај младите дека можеме повторно да бидеме горди, достоинствени и на патот на победите! Наместо одлично е и супер се живее, слушаме млади кои велат: Нема иднина, само на полошо оди. Вака веќе не оди, во странство е спасот.
Зарем ова е тоа блескање? Зарем вака Зоран Заев и СДСМ го замислуваат блескањето?
Се што ветија – излажаа. Од што лажат, Заев кога оди по улица и ќе каже на некој млад човек Добар ден, човеков се развртува да види дали навистина е ден, да не случајно Зоран Заев повторно излажал.
А има и зошто да е така.
Ветија најдобро образование, а за жал сега најдобриот македонски универзитет Св. Кирил и Методиј е на 1816 место на Шангајската листа. Не е ни во првите 1500. Образованието во афричките земји котира десетици пати повисоко.
Ветија закон за високо образование, законот не функционира цела година.
Ветија студентски град во Скопје за сите студенти од внатрешноста, а на дело гледаме држава која се распаѓа и чија младина секојдневно се иселува. Студентскиот град остана само ветување со кое сега пак ќе сакаат да добијат гласови од младите.
Ветија нови работни места и 500 евра плата за младите, гледаме полни автобуси и авиони како заминуваат секој ден. Ги ветија Гугл и Фејсбук во Македонија, ветиле дури и 300 пилоти дека ќе вработат. Какво понижување за младите…
Ветија живот за сите млади, а гледаме дека живеат и се вработуваат само децата на функционерите од власта, а сите останати само преживуваат.
Ветија дека ќе вратат 600.000 млади, оставаа чевли пред Владата, наместо да вратат, избркаа уште повеќе.
Градовите се празни, никој повеќе не гледа просперитет ниту во Владата ниту во локалната самоуправа. Над 75% од младите не се среќни и не сакаат да живеат во Република Македонија а дури половина од нив веќе преземаат конкретни чекори да ја напуштат Република Македонија.
Студентски легла се распродаваат исто како и националните интереси, а животот во студентските домови е хорор и пекол.
Да запрашам… ги видел ли некој оние што протестираа за чист воздух пред да дојдат на власт? Ги видел ли некој оние што гушкаа дрва додека се сечеа да излезат и со жив штит да ги бранат дрвјата и стеблата кои сега во моментов и минатите денови се сечеа во Скопје? Никој не ги гледа затоа што сега истите тие што протестираа за чист воздух и гушкаа дрвја, се наоѓаат во фотелјите на власта и издаваат наредби за сечење на дрва. Сега не убедуваат дека европски било да дишеме загаден воздух и дека сечата на дрвата и на јапонските цреши била за доброто на дрвата. Лицемерието е единствена вредност на Заев и целата свита.
Живееме во општество каде што политичарите управуваат со животите на младите, наместо младите да се двигатели на својата иднина. Истите тие политичари наместо иднина ни го носат минатото од ‘90тите. Секогаш кога СДСМ е на власт имаме нова изгубена генерација.
Живееме во период во кој се чувствуваат класните разлики помеѓу младите како никогаш до сега. Живееме во време каде што се погласни и имаат повеќе привилегии децата на функционерите од власта кои секојдневно гледаме како ги испумпуваат нашите пари, а оние чесните, вредните, кои секој чекор во општеството го прават преку напорна работа, кои потекнуваат од чесни семејства, немаат право на глас и немаат никаква привилегија.
На Република Македонија и е потребен рестарт во сите пори на општеството. Вредностите и принципите мора да се вратат во нормала. Апатијата мора да се замени со нова енергија. Новата енергија мора да покрене реформи во општеството. Реформите, принципите и вредностите мора да завладеат со Република Македонија. Само така сите заедно, градејќи одново општество за сите млади кои ќе ја препознаат новата енергија и иднината на Република Македонија, ќе успееме од оваа земја да направиме пример за сите останати.
Ние сме подготвени. Ние имаме и енергија, имаме и капацитет во редовите на УМС за рестарт и обнова на ова општество. Ние знаеме како апатијата да ја промениме со светла иднина. Ние немаме втора шанса, а всушност и немаме повеќе шанси како држава. 12 април ќе биде моментот кога ќе одлучуваме дали ќе дозволиме Зоран Заев и СДСМ да не повлечат во провалијата во која тонат или пак ќе ги турнеме и никогаш повеќе нема името да им го слушнеме.
Зошто? Затоа што тие го извитоперија целото општество и квалитетното го заменија со неквалитетно. Затоа што тие чесноста ја заменија со криминал и принципите ги заменија со лаги и манипулации. Младиот човек нема шанса за друга иднина освен онаа која што треба да се гради од овој момент сега па натаму .
Наместо Заев и СДСМ да не бркаат од државата како редици мои и ваши пријатели, што беа принудени да се иселат, сега дојде моментот еднаш засекогаш ние да му покажеме на Зоран Заев и СДСМ каде им е местото. Местото кое ги чека е буништето на историјата, но на столбот на срамот.
Искрено, нема млад човек што не се срами од овие луѓе што ни ја водат државата. Успехот на меѓународен план на секој млад човек, е исто така успех на целата држава и на сите граѓани. Но, исто така неуспехот и срамот на меѓународен план на било кој од Владата е срам за сите граѓани на Република Македонија. За жал, срамот на Владата е поголем од успехот на младите.
ДОСТА НИ Е ОД ПОРАЗИ! НЕУСПЕСИ И СРАМ! ДОСТА НИ Е ДА НЕ ПОНИЖУВААТ ОНИЕ КОИ ГИ ТРОШАТ НАШИТЕ ПАРИ!
Имаме стратегија, имаме план, имаме визија, имаме и кадар. Ние не ветуваме неостварливи работи, ние ветуваме достоинствен живот за секој млад човек. Ние не ветуваме брда и долини, ветуваме само чесна и макотрпна работа. Ние не ветуваме дека Македонија ќе ја мажиме во богата фамилија, ние ветуваме услови и стандарди согласно европските вредности.
Затоа што, ниту друга држава имаме, ниту пак втора шанса за обнова ќе имаме. Обнова на Македонија сега!
Не заборавајте, дека „Песимистот гледа потешкотии во секоја нова можност, а оптимистот гледа нова можност во секоја потешкотија.“ Мораме да бидеме оптимисти бидејќи ова е последната битка за иднината.
И да ве потсетам на зборовите на големиот Мартин Лутер Кинг: “Доаѓаат мигови кога молчењето е предавство.” Затоа Ве повикувам да ни се придружите рамо до рамо со нас од Унијата на млади сили , да не молчите на сите овие лаги и неправди и да го кренете вашиот глас за обнова на Македонија затоа што повеќе вака не може.
Нека ни е вечно УМС, нека ни е вечна Република Македонија!
А сега би сакал да го повикам да ви се обрати предводникот на Обновата на Македонија, партнерот на младите, човекот кој секојдневно е опкружен со млади луѓе насекаде и човекот кој им дава неизмерна шанса , поддршка и доверба на младите, Претседателот на ВМРО- ДПМНЕ проф. Д-р Христијан Мицкоски.