Пратеникот Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ во гостување на Радио Лидер, вели дека како пратеничка група во Собранието поднеле многу амандмани за законот за попис, но ништо не било прифатено од страна на владејачкото мнозинство што според него говори дека всушност се работи за политичка, а не статистичка операција.
Имаме еден закон за попис во кој што не беше содржана методологијата, не беше позната кога го предложија законот за попис. Имаше закон за попис кој што не ги имплементира регулативите на ЕУРОСТАТ и ОН за спроведување на попис. Ние ги изнесовме сите наши забелешки во поглед на попишување на резидентно население, во поглед како треба да се попишат и нашите во странство. Поднесовме и многу бројни амандмани, од фингерпринт за поголема веродостојност, до електронски попис, но сето тоа од власта беше одбиено што говори за тоа што впрочем и вие самите го спомнавте дека во Македонија, се одвива една политичка операција а не статистичка операција, вели Јаулески.
Според Јаулески, пописот не е важен кој од кој етникум припаѓа, туку е важен за креирање на развојни политики во сите области.
Пописот не е важен само кој на кој етникум припаѓа. Пописот е важен за креирање на десетгодишни развојни политики во сите области, како треба да се развива Македонија, смета тој.
Јаулески истакна дека додека власта од една страна воведува полициски час, од друга страна насилно го турка пописот.
Воведуваат полициски час од 22 часот до 05 сабајле, а во исто време насила го туркаат пописот, изјави Јаулески.
Пратеникот Јаулески нагласи дека вкупно 5.000 попишувачи се изложени на ризик, а со тоа се става во ризик здравјето и животот на илјадници граѓани, односно како што рече тој тоа ќе имплицира илјадници новозаболени и голем број на починати лица.
Хипотетички, 5000 попишувачки кои самите не се заштитени бидејќи неспособната Влада не успеа да набави вакцини, тие се изложени на ризик или да фатат или да пренесат Ковид-19. Тоа ќе имплицира илјадници новозаболени и голем број починати лица, вели Јаулески.
Јаулески напомена дека додека голем број на европски земји како Германија и Франција веќе го одложиле пописот, а додава и дека истиот пример го следат и земјите од регионот како Србија и Бугарија, но дека единствено Македонија отстапува од оваа практика.
Јаулески смета дека пописот треба да се одложи бидејќи не е во согласност со регулативите на ЕУРОСТАТ и ОН, но и дека овој попис ќе биде најмногу на штета на македонскиот народ и македонските национални интереси.
Овој попис треба да се одложи, дека треба да се спроведе согласно препораките на ЕУРОСТАТ и ОН. Доколку не се одложи пописот, тврдам дека ќе биде на штета на македонскиот народ и македонските национални интереси бидејќи тенденцијата е да се исполни политичкиот договор меѓу Заев и Ахмети и македонците да излезат во многу помал број, рече јаулески.