Јавна дебата за изградбата на гасоводот на Водно ќе се одржи денеска во Советот на Град Скопје, на која, како што најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов ќе присуствуваат претставници од надлежните државни органи и граѓанските здруженија.
– Очекувам на дебатата да го почнеме процесот на соочување факти и аргументи. Од средбата ќе има пренос „лајф стрим“ и верувам дека сите медиуми ќе му дадат значење. Мислам дека така главните поенти од таа дебата можат да бидат пренесени на сите национални, регионални и локални телевизии. Така видливоста би била поголема отколку да има дебата на некоја телевизија со национална концесија, рече Шилегов вчера по прес-конференцијата во СУГС „Орце Николов“.
Според него, на средбата ќе присуствуваат директорот на МЕР и министерот за транспорт и врски.
– Ниту Градот, ниту Министерството за животна средина не се органи кои го водат тој проект. Градот Скопје ниту го изведува тој проект, ниту го финансира. Но, само заради тоа што станува збор за Водно ќе ги отвориме вратите на градското Собрание и сите заинтересирани ќе можат да дојдат и да го кажат своето мислење, истакна Шилегов.
Според него, целата постапка на издавање на градежната дозвола е завршена во 2016 година.
– Таа состојба ја затекнаа и надлженото Министерство, МЕР и Градот Скопје. Имаме ситуација на правосилно решение, на спроведена постапка согласно законските прописи. Квалитетот на спроведувањето на постапката е нешто на што приговараат граѓанските активисти, меѓутоа фактичката состојба е таа, рече Шилегов.
Како градоначалник, дополни, е должен да ги има предвид обврските на државата кон гасификацијата, но и финанските обврски кои ги има државата по однос на кредитот за гасификацијата.
(Миа)