Јавна расправа за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе се одржи денеска во Клубот на пратениците во Скопје, во организација на Министерството за информатичко општество и администрација.
-Целта на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е воведување начин на изборот на емитување на државни кампања со цел поголема транспарентност при изборот како и нивно почесто спроведување и емитување со цел на поголемо подигнување на јавната свест. Се допрецизираат и одредбите за реемитување на програмските сервиси кои се однесуваат за регулирање на авторските и сродни права на територија на државава, наведува МИОА во Предлог законот.
Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу во интервју за МИА во пресрет на јавната расправа рече дека очекува од сите страни да се направи закон што ќе биде во насока на тоа што се бара од ЕУ директивите и со кој ќе се подобри медиумскиот простор.
-Моментално анализираме четири члена од законот. Тие се битни за таа инфраструктура. Првиот член е можноста државата да креира регулатива за авторски права, а вториот е за тоа да се преработи фамозниот член 102 за да биде во согласност со ЕУ директивите, бидејќи сега не може да се користи, забранет е, но од друга страна потребата од јавните институции и комуникацијата со граѓаните е загрозена. Гледаме од тој аспект да најдеме начин според ЕУ директивите, работиме заедно и со локални и со меѓународни експерти, но исто така вклучени се сите страни. Знам дека не се лесни закони, затоа најверојатно и траат многу, со години, но лично си дадов обврска да може со тие закони да се соочиме со сите предизвици и еден ден да имаме решение за тие предизвици, рече Алиу.
Во образложението на Предлог законот е наведено дека со член 7 од предлог законот, по главата V се додаваат две нови глави V-а и V-б. Главата V-а (Кампања од државни кампањи на центално ниво) ја сочинуваат пет нови члена, 101-а, 101-б, 101-в, 101-г и 101-д, со кои се уредуваат прашањата околку спроведување на државни кампањи, комисија за одлучување по државна кампања на централно ниво, финансирање на државни кампања на централно ниво, избор на идејно решениe за државна кампања на централно ниво и ценовници за емитување. Главата V-б (Државна кампања на локално ниво) ја сочинуваат пет нови члена 101-ѓ, 101-е, 101-ж, 101-з и 101-ѕ и со нив се уредуваат прашањата во врска со спроведување на Државна кампања на локално ниво, комисија за одлучување по државни кампања на локално ниво, финансирање на државни кампања на локално ниво, избор на идејно решение за Државна кампања на локално ниво и ценовници на емитување.
-Со член 8 од предлог законот, членот 102 од законот се брише. Со член 9 од предлог законот, во член 105, став 1 од законот во поглед на финансирањето на радиодифузната дејност, за работењето и развојот на Македонска Радио Телевизија, Јавното претпријатие Македонска радиодифузија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, 1 процент се заменува со 0,9 проценти, и се додава нов став 2 со кој се утврдуваат средствата за финансирањето на кампањите од државни кампањи, стои во образложението.