На денешната седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност ќе се одржи јавна расправа по Предлог-закон за Агенцијата за разузнавање.
Имајќи предвид дека првпат по 25 години во собраниска процедура е нов закон за Агенција за разузнавање, што треба да се донесе пред заокружување на процесот за полноправно членство на државата во НАТО, Агенцијата за разузнавање вчера преку соопштение ги сподели, како што стои, најбитните придобивки.
Од АР посочуваат дека новиот закон е резултат на повеќемесечна работа на тим од Агенцијата, во консултација со академската заедница, Министерството за правда, партнерските служби од земјите членки на НАТО и ЕУ и специјализираните тела од Алијансата.
– Потребата од донесување на новиот закон се наметна поради новонастанатите промени во безбедносното опкружување на државата, во регионални и глобални рамки, што бара итно, ефикасно и навремено реагирање на терен. Со новиот закон, Агенцијата се дефинира како служба надлежна за надворешно разузнавање, која собира, обработува, анализира, разменува, чува и штити податоци и сознанија за асиметрични, хибридни и киберзакани од странство, појаснуваат од АР.
Со тоа, се подвлекува во соопштението, се прави јасна дистинкција меѓу надлежностите на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, што досега не беше прецизирано.
Новиот закон за АР ги заокружува реформите во безбедносниот систем на државата што официјално започнаа со донесувањето на Законот за оперативно-техничката агенција (ОТА), во април 2018 година, Законот за Агенција за национална безбедност (АНБ), во мај 2019 година и Законот за координација на безбедносно разузнавачката заедница, во мај 2019 година.
– Законот ги подобрува и зајакнува професионалните стандарди: ја департизира Агенцијата, го подобрува менаџирањето во Агенцијата, меѓу другото се воведува место заменик-директор, го регулира и прецизира начинот на извршување на задачите и употребата и контролата на методите и средствата на работа и овозможува подобра заштита на класифицираните информациите што ги создава Агенцијата и што ги прима од партнерските служби, а наскоро и од НАТО како нејзина земја членка, се посочува во соопштението од АР.
Покрај тоа, се додава, содржи и важен социјален аспект за вработените: ги уредува правата и обврските на вработените, односно ги изедначува со колегите од соодветните безбедносни служби, по однос на условите за пензионирање и платите, согласно специфичноста на разузнавачката работа. Тоа, посочуваат од АР, истовремено ќе овозможи ново кадровско екипирање и зајакнување со нов потребен профил на млади образовани кадри, кои треба да ја градат својата кариера и иднина во нашата држава.
Особено важно е што во новиот закон за АР се имплементирани забелешките и препораките на НАТО, како и партнерските служби од земјите членки на НАТО и ЕУ. Истиот, стои во соопштението од АР, ги дефинира местото и улогата на Агенцијата и овозможува нејзина соодветна регионална и меѓународна позиционираност, со што ќе ја подобри нејзината интероперабилност и ќе ја направи рамноправен партнер на службите – членки на НАТО и ЕУ.
– Имајќи го предвид специфичниот временски предизборен период, кој неочекувано ја ограничи работата на Собранието, се надеваме дека пратениците ќе ја препознаат важноста на актуелниот моментум и ќе го изгласаат пристапниот протокол за членство во НАТО со заокружени реформи на безбедносно-разузнавачкиот систем, соопштија од АР.