Додека јавноста реагира на доделените грантови од Фондот за иновации и технолошки развој на фирми на луѓе од власта или нивни блиски, премиерот Зоран Заев вели дека нема да побара оставки од функционерите. Според него, тие не го кршеле законот.
Фактите говорат дека постапките на надлежните од власта , покрај гневот на неутралната јавност, предизвикаа низа на реакции на лица од СДСМ и коалициски партнери.
Ивор Мицковски, познат социјалдемократ смета дека објаснувањата на премиерот дека нема да бара оставки од функционерите чии фирми добија грантови од Фондот е глупаво.
-Значи не може некој да смисли поглупи објаснувања од Заев. Он не барал оставки пошто ќе немал со кого да работи. Оф леле, кутра мала багра, немала со кого да работи, пишува Мицковски на својот Фејсбук профил.
Овој став на Мицковски го прифаќа и заменик министер во владата на Заев, односно Јани Макрадули.
Реакција следеше и од поранешниот висок функционер во СДСМ, Зоран Јовановски.
-На обични наградни игри (Рамстор, Веро и милион други), кај што се работи за приватни пари, не смеат да учествуваат вработените и нивните семејства, а не пак на тендери за грантови од илјадници евра државни пари!!, напиша на својот Фејсбук профил Јовановски.
И градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој е од редовите на СДСМ смета дека вакво доделување на грантови не е во ред. Според него, ако се покаже како точно тој смета дека ваквото однесување мора да се осуди.
-Ниту јас, ниту премиерот Заев, ниту сопартијците, симпатизерите и сограѓаните, уривавме режим, криминал, беззаконие, корупција, за да на сите нас ни се случува “деја ву”. Доколку и 1 промил од овие тешки обвинувања за тендерите, грантовите… е точен, мораме да се свртиме кон нас самите, и јавно да ги осудиме и корегираме овие девијантни однесувања! Живот За Сите нема да дозволиме да биде живот за некого или живот за мене бидејќи така многу лесно ќе преминеме на “темната страна”. Политиката е како атлетика, штафета 4х100. Само еден од тимот да е послаб или немотивиран, целиот тим губи. Јас не сакам ниту ќе дозволам да губи мојот тим – ГРАЃАНИТЕ на Македонија!, пишува Димитриевски на својот Фејсбук профил.
И лидерот на коалициската партија на СДСМ Либерално-демократската партија, Горан Милевски смета дека ваквото доделување грантови не е во ред и дава и предлози за како да се постапи.
-Фондот за иновации наместо да проверува која од фирмите што добиле грантови е поврзана со власта (бидејќи тоа не било дел од критериумите), предлагам: 1.Да го поништи целиот огласот; 2.Да ја распушти комисијата од тајни експерти кои одлучувале по пристигнатите апликации; 3. Да распише нов транспарентен оглас со јасни критериуми, преку кои јасно ќе се дефинира кои фирми имаат право да аплицираат, што е тоа иновација во компанија, ниво на износ на средства што може да го добијат компаниите, пишува на Фејсбук Милевски.
Тој укажува и дека „со грантови треба да бидат поддржани вистински иновативни компании кои имаат раст, развој, извоз и нов производ независно на која политичка определба припаѓаат и дали воопшто припаѓаат, тоа не треба да биде важно“.
Сепак очигледно е дека на премиерот Заев поважни му се соработниците кои ги добиле грантовите. Станува збор за фирми на вицепремиерот Кочо Анѓушев, или околу 160.000 евра од Фондот за иновации легнале на сметката на „Каст инвест“, компанија во која Анѓушев е косопственик.
Меѓу грантовите што Фондот ги додели се и оние на пратеникот на СДСМ Хари Локвенец кој е косопственик на печатницата „Гинис“ од Прилеп која доби 162 илјади евра.
Фирмата „Декодикс” од Скопје од Фондот за иновации и технолошки развој на неодамнешниот конкурс доби околу 330.000 евра за проект наречен „Декодирај – Ме”. Фирмата е регистрирана 43 дена пред да го добие грантот и досега не е позната во информатичкиот сектор, а меѓу сопствениците на фирмата е и сопругата на синот на Цветанка Ласкова, советничката за култура во кабинетот на Заев.
Компанијата Кодинг – Горска ДООЕЛ пак добила околу 300 илјади евра од Фондот за иновации за „Воведување на нов вид на производ во нова амбалажа, дизајн и етикета за горска вода со алое вера и ацерола“. Директор на производство во оваа компанија е Горан Тодоров, претседател на општинската организација на СДСМ Кавадарци.
На првиот јавен повик за финансирање на микро, мали и средни претпријатија од Планот за економски раст грантови добија 80 компании или една третина од пријавените. Тие добија вкупна сума од 10 и пол милиони евра.