среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Јорданоски: ДРЖАВНИ СИМБОЛИ VS ДРЖАВОТВОРНИ ЕЛЕМЕНТИ

Јорданоски: ДРЖАВНИ СИМБОЛИ VS ДРЖАВОТВОРНИ ЕЛЕМЕНТИ

Грбот, знамето и химната се репрезентативните симболи на една држава. Нивниот избор произлегува од желбата за поистоветување со особините на избраните симболи или, пак, желбата за претставување историски процес од создавањето на државата. Најчесто изборот паѓа на моќен и доминантен избор од фауната (лав, орел…) или карактеристични елементи од флората (како републичките грбови на дел од понанешните републики од Југословенската Федерација), пишува м-р Александар Јорданоски.

Неговата колумна ја пренесуваме во продолжение: 

Наспроти нив стојат државотворните елементи. Тука доаѓаат: ефикасна администарција, стабилна економија, силни општествени институции, особено тие кои го креираат и кои го чуваат националниот идентитет и, можеби најважното, позитивна наспроти негативна селекција на кадар.

Смислата и значањето на државните симболи се условени од суштината на државотворните елементи. Без исполнувањето на суштината на државотворните елементи, државните симболи ја губат смислата на нивното креирање или избор.

Така, една суштинска недоследност на идентитетската матрица во Македонија е состојбата со научен кадар во Институтот за македонски јазик. Во неговиот златен кариерен период, под државниот симбол „петокрака“, Институтот има над седумтесетина вработени научен кадар, додека под државниот симбол „сонце“ истиот Институт има едвај 25-26 вработени вкупен број кадар, заедно со кучето и мачето пред порти. Каде е тука улогата на независна Македонија, наспроти федералната единка Македонија. Ако на ова се додаде и висината на финансиските средства кои ја поддржуваат македонската лингвистичката наука компарирани како „петокрака“ vs „сонце“ доаѓаме до резултат кој не е убаво ниту да го чуеме, а не па и да навлегуваме во подлабока анализа.

Но можеби еден од подобрите примери за приказ на суштината на државотворните елементи е трудот на рускиот имигрант д-р Никола Незлобински (1885 – 1942) во Струга и неговото најголемо дело – природонаучната збирка во истоимениот струшки музеј, создаден далечната 1928 година. Во тој музеј сета фауна и флора е собрана/уловена од Незлобински, препарирана е од Незлобински, музејските витрини кои и денес постојат се изработени од Незлобински, а делумно и музејаката зграда е изградена по негов нацрт. Што значи, индивидуалната заложба и труд создале државотворен елемент, односно систем кој трае веќе во три државни системи: Кралска Југославија, СФРЈ и сега Република Македонија. Прераната смрт на 57-годишна возраст го спречува лекарот кој ја победил маларијата во Струга да го заокружи системот на препарираната фауна во музејската поставка со дивата коза.

И сега доаѓаме до моментот на организираноста на општествениот систем. Од смртта на Незлобински поминати се две општествени уредувања, но желбата на Незлобински за дивата коза сè уште не е исполнета. Така, доаѓаме до заклучок дека индивидуалната заложба создала државотворен елемент – природоначен музеј, што ќе рече, систем кој функционира непрекинато веќе 92 години, наспроти општествениот систем кој веќе 78 години не може да доврши индивидуален труд кој, пак, создал систем.

Но можеби највидлив пример за слабоста на државотворниот елемент – човечки ресурс, е кај негативната наспроти позитивната селекција на кадар, бидејќи само човекот е двигател на процесите. Привидните позитивни селектирања доведуваат до ситуација, на пример, студент кој имал просек дури 9,5 на Филозофскиот факултет, при посета на Музејот „Западна Македонија во НОВ“ во Кичево и разгледувањето на спомен-собата од генералот Михајло Апостолски да постави прашање: „А кој бил он“, па на зачудениот поглед од музејскиот водич брзо-брзо да биде понуден одговорот: „А да бе, знам, он бил партизан“.

Придајавќи си лажни вредности при негативната селекција на кадар, системот само си ја одложува фактурата на губиток, нешто слично како кога индијанскиот погавица Сијетл го упатува писмото до Абрахам Линколн 1854 година: …„Што ќе ја снајде Земјата – ќе ги снајде и во нејзините деца. Плука ли човекот на Земјата – плука на самиот себе. Земјата не му припаѓа на човекот – човекот ѝ припаѓа на Земјата. Тоа добро го знаеме. Сè е во меѓусебна врска како што е семејството со крв соединето. Сè е поврзано. Не е човекот создател на развитокот на животот. Тој е само една нишка во него.“…

 

м-р Александар Јорданоски

Најнови вести