Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова не гледа причина во оваа фаза да се укине ветото за почеток на преговорите со ЕУ со Северна Македонија. Таа ова го изјави во ексклузивното интервју за емисијата „Брисел 1“ на Bulgaria ON AIR по нејзината посета на Битола и Охрид пред неколку дена.
Таму Јотова присуствуваше на отворањето на Културниот клуб Иван Михајлов и се сретна со локалните Бугари.
-Бугарија има пет услови за Македонија, кои се поставени одамна. Дури и кога стана јасно дека ништо не е сменето од потпишувањето на Договорот за добрососедство. Ниту после 18 состаноци на Мешовитата историска комисија ниту еден ред не е сменет во учебниците од кои се изучува во училиштата во Македонија, изјави Јотова.
Покрај ова, Јотова истакнала и дека не може да биде признат ниту пописот, според кој во Северна Македонија се попишани 3 500 Бугари, а како што тврди таа, Бугарија располага со податоци според кои од 2007 година па наваму издадени се 85 000 бугарски државјанства на македонски државјани.