Оваа влада е влада на скандали и несносење на одговорност. Откажана е еврообврзницата со причина неразбирлива за финансискиот свет, во исто време Владата со тоа им кажува на инвеститорите колку Македонија е небезбедна. Не се исплаќа платата на здравствените работници тоа е уште еден скандал на оваа Влада, рече Зоранчо Јованчев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на денешната расправа за разрешување на министри.
Според него оваа Влада со своето однесување испраќа сигнали на нестабилност.
„Издавањето на еврообврзницата е скапо се плаќаат четири финансиски институции кои наплаќаат високи провизии, за повторување на постапката пак ќе се плаќаат провизии“, вели Јованчев.
Ова, како што рече тој, е Влада која ја одбележуваат трагедија со модуларната болница, уништен животен стандард, инфлација со двојна цифра, образование без учебници.
„Ова е Влада која успеа да го крахира здравствениот систем, граѓаните се жалат дека не може да им се препише терапија. Ова е жално и срамно за Македонија. Ова е Влада која се занимава само со лични бизнис интереси“, рече Јованчев.
Јованчев заклучи дека оваа Влада која и покрај измените, односно влез на Алијанса за Албанците ќе донесе само матни тендери, криминал.