„Веќе петти ден дебатираме и разговараме околу ребалансот на Буџетот. Од претходните дискутанти кои што зборуваа овие неколку дена се остава впечаток дека треба да се донесе ребалансот на Буџетот што побргу и тоа е точно. Ние со тоа се сложуваме како опозиција, дека треба да се донесе овој ребаланс на Буџет што побргу. Но власта треба да признае дека тие во оваа ситуација се контрадикторни. Зошто? Опозицијата, вклучително целата опозиција на расправата во Комисијата за финансирање и буџет прифати да се скрати дискусијата и расправата од десет на седум дена. Тука е нашата конструктивност према вас како власт и спрема граѓаните, со тоа што дадовме пас да се скрати три дена расправата во комисијата за да може овој ребаланс на Буџет да биде донесен три дена порано. Односно мерките да се реализираат што поскоро“, појасни Зоран Јованчев пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ на денешната собраниска седница.
Јованчев додаде и згора на ваков гест власта пак продолжи да ја критикува опозицијата дека таа е виновна за се.
„Откако заврши расправата во Комисијата за финансирање и буџет, целиот тој предмет за ребалансот беше пратен до Владата. Но, Владата го држеше пет дена, цели пет дена за жал. Зошто тоа го направи Владата? Се надевам дека Владата има причини да образложат на граѓаните, јас немам“, истакна Јованчев.
Јованчев посочи дека власта го остави ребалансот и си замина на продолжен викенд.
„Кога се зборува дека со овој ребаланс на Буџет ќе се донесе и четвртиот сет на мерки мора да се потсетиме на првиот, вториот и третиот сет на мерки за борба против КОВИД-19 кои се искористени само половично. Односно 54.5% или се искористени околу 226 милиони евра, и тоа граѓаните на Република Македонија добро го знаат. Затоа што со истите тие средства се изврши бруталниот поткуп за време на парламентарните избори. Ефектот од првите три сета на мерки го имаме и тоа е 40.000 невработени“, потсети Јованчев.