Македонија ги преживува своите најтешки моменти. Економијата тоне, земјоделците се оставени сами на себе додека владата ги распродава националните интереси. Имено, покрај капитулантскиот договор што го направи оваа влада со нашиот јужен сосед, покрај законот за двојазичност и срамниот договор со Бугарија,оваа влада прави невиден во сите гранки на стопанството, истакна на денешната прес-конференција претседетелот на ОК Кавадарци на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Јованчев.
Тој посочи дека индустријата тоне, градежништвото исто така додека во земјоделието се случува тотален хаос. Мaкедонските земјоделци се директни жртви на ова политичко цунами кое ја нападна Македонија.
-Владата предводена од СДСМ ветуваше отворање на нови пазари, зголемена цена и гарантиран откуп на земјоделските производи но ништо од ова не се исполни. Зелената нафта уште ја нема. Земјоделците се жалат и се во безизлезна состојба како никогаш досега. Резултат на тоа е рекордно ниска откупна цена на праските, а за доматите и да не зборуваме, нив земјоделците оддамна ги фрлија во депониите. Ветуваат 3 денари субвенции па уште 4 денари субвенции само за да ги однесат во преработувачките капацитети во Македонија кои речиси и да ги нема. Поради тоа што ланската година ја зафатија пролетните мразеви и се откупи многу мала количина на грозје, оваа година подрумите на винариите се празни и ќе има поголема побарувачка на грозје, нагласува Јованчев.
Претседателот на ОК Кавадарци на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека сега е моментот да се зголеми цената на грозјето.
-Да не дозволиме винариите да функционираат како монопол на пазарот и тие да ја диктираат цената на грозјето. Оваа работа се договара и се менаџира сега во летниот период, а не во септември кога земјоделците се ставаат пред свршен чин. Оваа влада не презема ништо за да им излезе во пресрет на земјоделците кои се повеќе се соочуваат со финансиски проблеми поради зголемената акциза од 3,5 денари додека од зелената нафта нема ни трага ни глас. Оваа влада не овозможи ниту една мерка за помош и поддршка за земјоделците. Поддршката за систем капка по капка ја нема. Поддршката за млад земјоделец преку помош со механизација во вредност од 10 000 евра е мината работа. Се што во минатото значеше поддршка за земјоделецот СДСМ го укина! Обештетувањето за ланските пролетни мразеви исто така веќе никој не го спомнува. Оваа влада се што кажа излажа. Македонскиот земјоделец е оставен на цедило. Основен принцип на функционирање на оваа влада е давање на ветувања и неисполнување на истите додека македонското земјоделие дише на помошни апарати, посочува Јованчев.
Тој додава дека мораме сите заедно сплотено и достоинствено што побрзо да им ставиме крај на овие мрачни сили кои на насилен начин ја заробија државата.