Народот покажа дека сака промени, дека сака светлина, а не мрак, дека избира чесност, а не корупција и расипништво, изјави кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ за Кичево, Александар Јовановски, на денешниот предизборен собир, додавајќи дека народот сака работа и решенија на проблемите, а не поделби и нови проблеми.
– Успеавме да покажаме дека не е невозможно да се спротивставиме на актуелната локална власт и да поведеме со поголем број на гласови,а ќе се бориме тоа водство да го зголемиме и да го крунисаме со победа на 31 октомври. Сакам да ви се заблагодарам на довербата која ми ја укажавте и ги дадовте своите гласови за мене,без вас успехот е невозможен, изјави Јовановски.
Јовановски даде ветување дека како иден градоначалник ќе расчисти со корумпираните, но ќе ги проблемите, како комуналните, така и еден од најгорливите, односно ќе работи на тоа да се спречи трендот на иселување од Кичево.
– Да створиме услови нашите деца и нашите млади да можат нормално да се развиваат, функционираат и да се реализираат, секој во својата сфера на интерес. Ветувам дека безрезервно ќе се заложам да створам услови да дојдат инвеститори кој ќе отворат нови работни места, со што ќе се смали невработеноста, а со самото тоа ќе порасне и цената на трудот на работникот. Во мојата програма има реални и веднаш остварливи проекти како што се промена на азбезтните водоводни цевки, изградба на канализациона мрежа во сите места каде недостасува, дислокација на дивите депонии кои ни го загорчуваат животот, промена и реновирање на дотраените трошни фасади и кровови на старите згради, односно нивна замена со енергетски ефикасни, формирање на социјален фонд за деца со посебни потреби, истакна Јовановски.
Тој додаде дека кон реализација а овие проекти ќе се пристапи веднаш и без одлагање, со тенденција да се остварат и пред зададените рокови и затоа ја бара поддршката од кичевчани.
– Затоа ве повикувам, активирајте се, убедете ги вашите роднини, пријатели комшии, без разлика на партиска, верска или национална определба, дека јас како кандидат за градоначалник ќе бидам вреден работник и застапник за интересите на сите наши граѓани. Нека излезат и на 31.октомври да го дадат својот глас за мене,како човек кој ќе работи во интерес на сите луѓе. За промени, за проекти, за победи! – изјави Јовановски.