Бојан Јовановски и неговиот бранител нема да ја даваат одбраната во случајот „Меѓународен сојуз“ се додека не му биде вратен мобилониот телефон со „ватс-ап“ комуникацијата со луѓе од политиката.
Јовановски смета дека без овој доказ и без испитување на сведоците, кои се дел од разговорите, нема никаква смисла да ја дадат одбраната, која подоцна ќе биде искористена само како алиби дека постоела.
-Ако ја дадам одбраната ќе служи само како алиби дека е дадена. Го молам судот да не ги прескокнува овие фази. Затоа сакам да ми го вратите мобилниот и ќе ни бидат потребни само неколку дена да ги екстрахираме податоците за да можат да им бидат презентирани на сведоците. Сведоците се обични луѓе, а не свето писмо. Ние не сме измамници, туку измамени од луѓе од политичките кругови. Не се откажувам од правото на одбрана, но барам да ми се овозможи ова право, рече Јовановски пред судот, пренесе Пресинг.
Судијката Софче Гаврилова Ефремова вели дека се грижела за правата на обвинетите и обезбедила докази, но во однос на материјалите во телефонот на Јовановски рече дека тој е одземен во случајот „Рекет“ и дека е позната постапката за враќање.
Од тој предмет биле изведени докази, а за начинот како се преземени податоци е објаснето во извештајот на секторот за компјутерски криминал при МВР.
-Податоците се обезбедени од стручна институција, која е компетентна и овластена и затоа се неосновани тврдењата на обвинетиот. Доколку не се задоволни, можат да поведат постапка, објасни судијката во овој случај.