Зошто Заев не го викаат никаде? Зошто го избегнуваат? Затоа што го прочитаа, толку ветувања а ништо не се исполни, принципиелно ништо не сменивме, ниту на полето на корупцијата, ниту на полето на начинот на практикување на власта, неетичкото практикување на власта, судирот на интереси, реформите кои што не се случија ниту во правосудството ниту во администрацијата, ветената департизација, вели колумнистот Зоран Јовановски, во гостување во емисијата „Што не е јасно“, на телевизија Алфа.
Според Јовановски, Македонија е држава на роднини, пријатели и партиско членство на владејачката партија, посочувајќи дека освен разочарувања друго ништо добро не може да каже за оваа владејачка гарнитура на власт.
-Се оди по партиски, по роднински и пријателски врски. Македонија е повторно држава за роднини и пријатели и за партиското членство на партијата на власт. Ветуваа објективни критериуми при достапноста до општествените добра, а повторно парите се делат на начин на кој што се делат, имавме флагрантни примери. Ова што излезе во јавност, во тоа ве уверувам тоа е секогаш така тоа е само 5 до 10 проценти што е случено коруптивно и криминално, затоа што не излегува се, затоа што се кријат, посочи тој.
Јовановски додаде дека претходно на Љупчо Николовски за степенот на корупција му биле виновни институциите и претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, но денес кога тој е втор човек во државата задолжен за борба против корупцијата кога има меѓународни резултати дека Македонија е корумпирана држава, за Николовски виновни се граѓаните што имаат таква перцепција.
-Освен разочарувања од оваа владејачка гарнитура не знам што друго да кажам. Тие не се 4 месеци на власт, тие се веќе 4 години на влас, и веќе се видени. Пазете, кој кадар е Љупчо Николовски да биде втор човек во држава кој ќе се справел со корупцијата, сега му излегоа вакви меѓународни резултати и не му се допаѓаат и го криви народот. И сега излегува дека народот е крив за перцепцијата за корупцијата а во времето на Груевски народот повторно имаше таква перцепција, меѓутоа тогаш народот не му беше крив, му беа криви институциите и претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, а сега е крив некој друг, рече Јовановски.