вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Јовески: Обраќањето на четворицата обвинители е непрофесионално

Јовески: Обраќањето на четворицата обвинители е непрофесионално

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески ја осудува постапката на дел од обвинителите во ЈОРМ за објавеното соопштение за кривичниот предмет во врска со трагичната смрт на Алмир Алиу, бидејќи смета дека таквото обраќање е непрофесионално и е прекршен Етичкиот кодекс на јавните обвинители во Македонија.

– Како Јавен обвинител на Република Македонија ја осудувам постапката на дел од јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија за објавеното соопштение за кривичниот предмет во врска со трагичната смрт на 4-годишниот Алмир Алиу, бидејќи сметам дека таквото обраќање е непрофесионално и дека со тоа се повредува функцијата јавен обвинител и тешко е прекршен Етичкиот кодекс на јавните обвинители во Република Македонија. Нивната постапка ја доведува под сериозно сомневање независноста, непристрасноста, лојалноста и достоинството на јавниот обвинител, бидејќи нивниот настап е предизвикан од други цели кои не се поврзани со извршување на јавнообвинителската функција, наведува во пишаната изјава Јовески.

Нема да допуштам, посочува Јовески, влијание од кого и да доаѓа, а кое ги попречува напорите за средување на состојбите во јавното обвинителство во насока на професионално, стручно, непристрасно, совесно и законито извршување на јавно обвинителската функција.

– Јавните обвинители во вршењето на функцијата не смеат да дозволат да бидат надвладеани од субјективни мислења и проценки, од притисокот на јавноста или политиката. Законот за секого и во секој предмет е еднаков за сите, без оглед на национална, верска или политичка припадност и така треба да се применува, истакнува Јовески.

Посочува дека предметот во детали е рефериран и разгледуван на колегиум на Вишото јавно обвинителство Скопје и на Проширен колегиум на Јавното обвинителство на Република Македонија, при што се оцени дека во кривичниот предмет е постапено во согласност со Законот за кривична постапка, Законот за јавно обвинителство и начелата во работењето на јавното обвинителство.

– Со соопштението од јавните обвинители директно е нарушена функцијата јавен обвинител и се настојува да се влијае во одлуките по предметот, бидејќи тие конкретно не постапуваат по тој предмет и не можат во јавност да изнесуваат ставови што не добиле верификација на Колегиум. Затоа за нивната постапка ќе се расправа Колегиум на Јавното обвинителство на Република Македонија, а ќе побарам нивното однесување да го преиспита Етичкиот Совет на јавните обвинители, вели Јовески во изјавата за медиумите.

Јавните обвинители Ферат Елези, Башким Бесими, Џелал Бајрами и Исмаил Дардишта во соопштение до медиумите сметаат дека со прекфалификацијата на кривичното дело „убиство“ во „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ е сторено повреда на основните начела на Законот за јавното обвинителство, кои воедно се и основни и темелни вредности на Уставот на РМ.

МИА

Најнови вести