„Дефинитивно Владата треба да го објави договорот од една обична причина затоа што ние ќе го платиме тој договор, односно граѓаните и фирмите кои се во Република Македонија и затоа јавноста има право да ги знае сите детали од договорот и да знае какви финансиски импликации ќе предизвика овој договор во наредниот период“, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Маја Кадиевска Војновиќ во вечерашното гостување во емисијата „За или против“ на Телевизија Алфа.
Таа посочи дека веќе е позната некоја сума дека тоа ќе кошта 1,3 милијарди евра меѓутоа според сознанија во оваа сума не се тие дополнителни работи како експропријација на земја.
Кадиевска Војновиќ истакна дека не гледа дека на терен нешто се случува, освен таа таблата што таму стои.
„На терен нема никакви активности како впрочем и сите други инвестиции кои биле најавени бомбастично од оваа Влада. За рамковниот договор беше објавена една инвестиција во Тетово а поминати се 9 месеци и нема никаква активност од таа инвестиција“, рече Кадиевска Војновиќ.
Таа истакна дека ако толку е транспарентно во смисла договорот и значаен, тогаш прво нешто што требаше да направат е да го објават за јавноста.
„Како опозиција затоа се плашиме дека овие преземени обврски ќе дојдат на наш грб како идна Влада и дека дефакто многу е тешко да се менаџира целиот процес бидејќи јавноста не знае какви финансиски импликации сме преземале“, изјави Кадиевска Војновиќ.
Таа е децидна дека во договорот има многу елементи кои насочуваат дека треба да се започне веќе со подготовка на теренот за спроведување на градежни работи а такво нешто не се гледа.
„Негативната критика е на тајноста на договорот, преземените обврски кои се преземени од Владата. Затоа нека го објави Владата уште утре договорот за јавноста да каже дали е точно ова што го зборуваме или не. Со тоа што Владата не го објавува договорот тоа е знак дека нешто не е во ред“, посочи Кадиевска Војновиќ.