Маја Кадиевска-Војновиќ, поранешен Гувернер на Народна банка и актуелен професор на „Американ Колеџ“, зборуваше во економскиот магазин „21МИНУТА“ на ТВ21 кој денеска премиерно се емитуваше.
Кадиевска-Војновиќ истакна дека годинава ќе имаме голем пад на економијата, од над 5%, создадена од оваа, според неа, историска криза.
„Македонија според животниот стандард мерен според БДП на глава на жител, и по еден метод на паритет на куповна моќ, е 36% од европскиот просек, што ја сместува меѓу земјите со најнизок стандард. Но во една ваква историска криза, после големата депресија, и целиот светот е во една голема криза“, рече Кадиевска-Војновиќ.
Професорката за ТВ21 оценува дека падот на економијата во оваа година на пандемија, ќе биде повеќе од 5%, што е поголем број од првичните проекции на домашните институции.
„Кога започна кризата во март оваа година, не можев да издржам, а да не ја направам проекцијата на БДП. Она што оценив е дека оваа година ќе имаме големо намалување на економијата, голем пад, длабок пад од над 5%. Она што ме изненади, не само домашните институции, во првите оценки беа поотпмисти и кажаа пад од 3,2 %, но и ММФ и Светска банка проектираа понизок пад, за да есенските проекции потоа ги изменат во надолна насока“, рече Кадиевска – Војновиќ.