Периодов Македонија е под закана од свинска чума.
Соседна Бугарија ги брои уништените свињи и економски штети, а дека чумата може да дојде и кај нас е реалност.
За оваа тема ве едуцираме подолу…
Африканската свинска чума ја предизвикува уникатен, обвиен, цитоплазматичен, арбовирус со двојна ДНК, кој е единствен претставник на фамилијата Asfarviridae .
Иако генерално се мисли дека има само еден серотип на вирусот на Африканска свинска чума, најновите истражувања известуваат за класификација од 32 изолати на вирусот на Африканска свинска чума поделени во осум различни серогрупи врз основа на тест на инхибиција на хемапсорпција (HAI) (Malogolovkin et al., 2015). Меѓутоа, генетската карактеризација на сите изолати на вирусот на Африканска свинска чума познати до сега, укажуваат на 23 географски поврзани генотипови со бројни подгрупи, што укажува на комплексноста на епидемиологијата на Африканска свинска чума (Слика 4). Генотипот е одраз на варијабилноста на сегмент на единствен ген и протеин (VP-72) и најчесто се користи филогенетско и молекуларно епидемиолошки цели (пр: за да се идентификува изворот на жариште). Колку што е познато, не ја одредува вирулентноста или другите параметри на болеста.
Во природниот циклус кај дивите животни, меките крлежи Ornithodoros (уште познати како tampans), заедно со Африканските диви свињи, претставуваат природен резервоар на вирусот на Африканската свинска чума. Тие можат да го пренесуваат вирусот со каснување. Сите членови на фамилијата (Suidae) се приемчиви на инфекцијата, но клинички болеста се манифестира само кај домашни и диви свињи, како и кај блискосродната Европска дива свиња. Африканските диви свињи се асимптоматски носител на Африканска свинска чума и делуваат како резервоар на вирусот во делови на Африка . Овде се вклучени и брадавичестата свиња (Phacochoerus africanus и P. aethiopicus), шумската дива свиња (Potamochoerus porcus и Potamochoerus larvatus) и џиновската шумска свиња (Hylochoerus meinertzhageni).
Африканската свинска чума моментално е раширена во Супсахарска Африка, Источна Европа, Кавкаскиот Регион и на италијанскиот остров Сардинија. Со зголемената циркулација на Африканска свинска чума, се зголемува и глобалната загриженост дека вирусот ќе се шири во останатите делови на планетата. Секоја држава со развиено свињарство е изложена на ризик, а историјата покажа дека болеста има способност да прескокне илјадници километри и може да се појави во земји кои претходно биле слободни од болеста, најмногу преку месото кое пристигнува од странство пренесено со помош на воздушен или морски сообраќај, месо кое е неправилно уништено или месо пренесено од патници. Најголема загриженост е потенцијалот кој болеста го поседува за ширење кон Источна Азија. Со оглед дека Кина во голема мера се потпира на свињарството како гранка на која припаѓа речиси половина од производството на свињи во светот, епидемијата на Африканска свинска чума би имала катастрофално влијание на трговската размена и производството на свињи, со сериозни импликации на глобалното обезбедување на храна. Официјалните податоци за статусот и податоците за жаришта на Африканска свинска чума можат да се обезбедат од Светскиот информационен систем за здравствена заштита на животните (WAHIS) на Светската организација зa здравствена заштита на животните (OIE).
Во Европа, Африканска свинска чума е прв пат внесена во 1957 година од Западна Африка во Португалија. По искоренувањето на оваа инкурзија, вирусот на Африканска свинска чума генотип I се појавува повторно во 1960 година, после што се шири низ Европа (Италија 1967 година; Шпанија 1969 година; Франција 1977 година; Малта 1978 година; Белгија 1985 година; и Холандија 1986 година). Исто така, болеста се појавува и на Карибите (Куба 1971 и 1980 година; Доминиканска Република 1978 година; и Хаити 1979 година) и Бразил (1978). Сите држави успешно ги контролирале жариштата по краток период со исклучок на Шпанија и Португалија, каде борбата со болеста траела неколку декади сe до 1990-тите години и на медитеранскиот италијански остров Сардинија, каде Африканска свинска чума е ендемична од нејзиното внесување во 1978 година и циркулира најчесто во одгледувалишта кои чуваат свињи на отворено и кај дивите свињи.
Пренесување
Вирусот на Африканска свинска чума традиционално перзистира во добро познати циклуси, силватичниот циклус, циклусот крлеж – свиња и домашниот циклус (свиња – свиња). Во поново време опишан е и циклус кај дивите свињи кој може некогаш да биде вклучен во циклусот на домашни свињи. Силватичниот циклус се јавува само во некои делови на Африка и вклучува брадвичеста свиња и крлежи од комплексот Ornithodoros moubata. Циклусот крлеж – свиња вклучува свињи и крлежи Ornithodoros spp., за кои е познато дека се присутни во делови на Африка и Пиринејскиот Полуостров. Преносот од силватичкиот циклус (Африкански диви свињи) на циклусот на домашни свињи (фармски одгледувани свињи) се појавува со индиректен пренос од крлежи. Ова може да се случи кога брадавичестата свиња и домашните свињи престојуваат во иста област, особено кога брадавичестата свиња прави брлози на фарма или кога крлежи се внесени во селото преку мрши од брадавичеста свиња заловена за храна.