Професорката Тања Каракамишева на нејзината фејсбук страница се обрати околу преговорите кои се одвиваат во Виена околу промена на името.
Во моментов во Виена се случува класично тргување на ангро со Македонските национални интереси без добитен план, без концепт што на Македонија би и донел ваквиот пазар, каква основна и додадена вредност би се ставил на нејзиното конто.
Ни се случува Кванташки пазар пред целосно затворање.
Далеку од очите на јавноста, без речиси никаква информација за тоа што точно се договара и, најважно од се, во чие име се договара, Македонија се раскрчмува, се мифкосува на секаков можен план.
Од една страна, секојдневно фрчат неотесани изјави од челниците на СДС дека ние немаме никаква етничка врска со Александар Македонски, дека практично немаме ништо заедничко со античките Македонци без за таквите истресеници во јавноста да добиеме нешто за возврат, некаква отстапка и од Грчка страна.
Од друга страна, имаме само отстапки и отстапки, се случи еднострано менување на име на автопат и на аеродром без никакво барање за реципроцитет истото да го направи и Грција.
Изјавата на Бутарис, градоначалникот на Солун, не е реципроцитет, туку класична фејк мамка дека ете и нивните политичари нешто прават и балансираат во политиката.
Работава е што “нашиве” сомови се фатија на првата фрлена дренка, а нивните премачкани политичари со илјада бои останаа на една единствена изјава за божем некаква иницијатива за промена на името на аеродромот во Солун, за која изјава btw иако лажна му ги ископаа очите на Бутарис.
За нашата фактичка и реална промена на името не видовме никаква реакција од големите ни интелектуалци во државата или бар од граѓаните што гласаа за оваа предавничка власт.
Од трета страна сведоци сме на секојдневни исмевања и зафрканции од Бугарските и од Албанските политичари дека секое ново име морало да биде договорено и одобрено и од нивна страна.
Драги мои Македонци, пред нашите очи ни се случува една таква национална измама и гнасотија во изведба на нашиве пијани крчмари што нормален човек веќе нема апсорбциски капацитет за сево ова, бидејќи сето ова е надвор од секој разумен ум, надвор од секоја нормална логика.
Македонците се оставени на цедило.
На Македонците им се копа колективна гробница.
Кој не може тоа да го види, сигурно не е Македонец!
Народе, прочитајте го уште еднаш Манифестот наш насушен и не спиј, не молчи, не се преправај дека не си од овде! – напиша Каракамишева.
Во прилог, Каракамишева го постави и Манифестот на АСНОМ.