Најновиот аудио запис и транскрипт што вчера беше објавен од страна на Антонио Милошоски е само обелоденување на јавната тајна што на сите ни е позната дека Заев е диригентот во работата на судството и на јавното обвинителство, вели проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска во изјава за Курир.
„Оваа информација не е ниту нова, ниту непозната ако се има предвид фактот дека уште за време на изборната кампања на парламентарните избори 2016г. токму Заев од митинг во скопската населба Капиштец нарачуваше обвиненија и ја диригираше работата на Катица Јанева и на цело СЈО. Ако од позиција на опозициски лидер во 2016г. имаше увид во работата на СЈО, или подобро кажано, тој ја утврдуваше „агендата на политичкиот прогон“ што СЈО послушно ја спроведуваше во пракса, можеме само да замислиме што овој човек правел од позиција на претседател на влада. Да не заборавиме дека цела година Заев беше претседател на комисијата за реформи во судството, позиција што тој успешно си ја валоризираше за задоволување на своите интереси и политички потреби, за директни нарачки кај судиите и обвинителите,“ потенцира универзитетската професорка.
„Од позиција на „главен реформатор“ во судството, позиција што беше критикувана од страна на ЕУ и Прибе, Заев си обезбеди непречено влијание, местење на предмети, но и лична амнестија за своите незаконски дејанија.
Да не заборавиме дека токму Катица Јанева му го затвори предметот „Пуч“, да не заборавиме дека токму СЈО го амнестираше од случајот „Поткуп“, а со најновиот неуставен и спротивен на сите европски стандарди, закон за јавното обвинителство, 80-те пратеници му изгласаа чисти амнестии за се што тој има направено од позиција на премиер. Според сознанијата што ги слушаме од медиумите за Заев и за неговите пајташи има подоста прислушувани материјали со инкриминирана позадина кои согласно новиот закон за јавното обвинителство нема да можат да се користат ниту како индиции, ниту како докази во обвинителската и во судската постапка“, посочува Каракамишева-Јовановска за Курир.
Практично, посочува таа, Заев си обезбеди неказнивост за своите незаконски постапувања што секако дека ја урива во темел правната држава и го ништи владеењето на правото, а во Македонија се покажа дека правото владее само кога треба да се гонат луѓе од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тогаш јавното обвинителство веднаш постапува, отвора истраги, поднесува обвиненија, а судовите експресно судат и пресудуваат. Свежи ни се сеќавањата на „монструозните“ судења за тероризам на видни членови на ВМРО-ДПМНЕ, судења кои треја и по 12 часа без престанок, судења на кои не беа почитувани основните човекови права, свежи ни се сеќавањата на личните и семејните трагедии што ги доживуваа лицата кои беа осудени за наводен тероризам, никогаш судски не докажан во смисла на меѓународно дефинирање на тероризмот. Но, овие брзи пресуди и драконски казни по 18г. затвор немаа за цел да ја донесат правдата во земјата, туку имаа за цел да внесат страв меѓу луѓето, страв како предупредување дека ако уште еднаш се обидат да протестираат против Заев истото ќе ги снајде и нив. Ваквиот монструозен политички притисок, ваквата невидена судска репресија само и единствено врз членови на партијата ВМРО-ДПМНЕ имаше и се уште има за цел уништување на партијата и ставање на колена на нејзиното патриотско крило со цел ништење на желбата за одбрана на Македонија и националните вредности.
Идната власт ќе мора да ги исправи овие неправди, ќе мора да го поништи законот за јавното обвинителство како неуставен и неевропски, како целосно нереформски, ќе мора да изврши суштински, а не козметички реформи во судството и во целиот правосуден систем, ќе мора да се ослободи од партиските притисоци и влијанија врз судиите и обвинителите, ќе мора да ги стави во судска постапка сите сторени криминали на „диригентот“ и ќе мора да се ослободиме од криминалците во политиката еднаш засекогаш,“ вели проф д-р Тања Каракамишева-Јовановска во изјавата за Курир .