(ФБ статус на универзитетската професорка Тања Каракамишева- Јовановска)
Во очи денешното гласање на неуставниот и неевропскиот Закон за јазиците упатувам уште еден јавен апел до пратениците на СДС да се воздржат и да не го гласаат овој штетен законски проект во неговата предложена содржина, бидејќи со неговото изгласување пратениците стануваат директни гробари на унитарниот карактер на државата Република Македонија и гробари на Уставот на државата по не знам кој пат.
Белким во оваа пратеничка група ќе се најдат најмалку 10 пратеника кои ќе се одважат во овој историски момент да одлучат по сопствена совест и одговорност кон своите деца, кон своите родители, своите внуци, и во интерес на државата и сопствениот народ да не го поддржат ова законско решение.
Белким не им е на сите пратеници од оваа пратеничка група испиен мозокот да гласаат ваков закон кој освен што ќе ја погреба државата во нејзината унитарна форма, едновремено ќе им даде бесплатен ветар во грб на грчките преговарачи да кажат дека нашата држава нема капацитет да биде унитарна држава Македонија, бидејќи во неа има два службени јазика што се применуваат на целата нејзина територија.
Двата службени јазика по дефиниција значат два државотворни народа, а два државотворни народа не живејат во една унитарна држава, туку секогаш во федерација или конфедерација.
Не случајно како прва точка во Тиранската платформа е предвидено да биде признавањето на Албанскиот народ во Македонија како втор државотворен народ.
Тоа е основата од која произлегува целиов проект за федерализирање на нашата држава и нејзино прекрстување во друго име сосема поинакво од постојното. Новата федерална творба е предвидено да има име кое ќе ги задоволи грчките интереси од типот Централна Балканска Република со свој Устав и свои федерални органи. Македонскиот народ во таквата нова федерална структура ќе биде немоќен да продолжи да биде суверен и свој, бидејќи де јуре се откажал од сопствената суверена држава и се согласил да биде преуреден по некои други правила на правенби легитимен начин со гласање во своето Собрание.
Пратеници од СДС, прочитајте убаво низ учебниците, книгите во кои се опишани внатрешните уредувања на државите во светот и лично ќе се уверите дека нема ниту еден пример на држава во која постојат два државотворни народа што живејат во една унитарна држава. Тоа што ви го кажуваат како гачки и приказни во изминатиов период има скриена и смислена агенда да ве удоброволат дека, всушност, вие не правите ништо лошо за вашата држава, а вистината е токму обратното.
Ама и сами знаете дека тоа се големи лаги и измислици. Не паѓајте на расипаните финти и спинови. Одважете се да гласате по сопствено убедување со силата на научните аргументи, а не со силата на интересите на другите народи околу нас да го погубат Македонскиот народ!
Имате историска шанса да застанете во одбрана на својот народ!
Таква шанса животот ви дава само еднаш!
Ако не ја искористите ќе останете запишани како џелати на сопствените деца, внуци, родители, баби, дедовци, најмили!
Одлуката е секако ваша, но обврската е наша да ве предупредиме какви одлуки носите во наше име и за наша сметка, но без наша согласност!