понеделник, 18. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Касами најави реорганизација на Беса и транспарентност на функционерите во извршната власт

Касами најави реорганизација на Беса и транспарентност на функционерите во извршната власт

Лидерот на Беса, Билал Касами, најави реорганизација и конгрес на партијата, како и транспарентност на кадрите кои Беса ќе ги има во извршната власт.

„По официјализирање на изборот на новата влада, претседателството на Беса го одржа својот состанок како парламентарна партија која е дел од мнозинството. Внимателно анализирајќи ги сите активности во овој динамичен период, денес централното претседателство дебатираше за плановите и предизвиците што нè очекуваат во наредниот период. Затоа одлучивме да објавиме реорганизација на партијата од структурен аспект, но и формирање на експертски групи за да се направат статутарни измени со што ќе овозможиме функционирање на партијата во согласност со современите трендови на современите европски партии“, вели Касами.

Ваквата одлука, појасни тој, значи дека престануваат со функционирање сите досегашни локални органи не Беса, кои по реорганизацијата ќе се подобрат во функционирањето, а некои и ќе се променат. Реорганизацијата треба да се заокружи на партиски конгрес, кој најверојатно ќе се случи наредната година.

Што се однесува до учеството на партијата во извршната власт, Касами вети транспарентност на неговите кадри, но не сакаше да каже кои позиции ќе ги добие Беса во вториот и третиот ешалон односно заменичките-министерски и директорски места.

„Откако ќе бидат формализирани сите назначувања на 2 и 3 ешалон на извршната власт, под мое раководство како претседател на партијата ќе одржиме еднодневна конференција со експерти за транспарентност и декриминализација на која ќе присуствуваат сите функционери назначени од Беса со што ќе се обврземе за транспарентен и инклузивен пристап и бескомпромисна војна со корупцијата и криминалот. Ќе докажеме дека функционерите назначени од Беса ќе бидат пример на владеење на граѓаните и со граѓаните“, рече Касами.

Беса не е прва по парламентарните избори на 15 јули започна или најави внатрепартиски промени. Промена на Статутот и назначување на нови кадри изминатиот период направи и ВМРО-ДПМНЕ, а и СДСМ најави статутарни измени кои ќе значат воведување на непосредни избори за избор на партиски лидер.

Најнови вести