четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Касами: Последните случувања покажуваат дека власта е спремна на се за да остане на овие позиции

Касами: Последните случувања покажуваат дека власта е спремна на се за да остане на овие позиции

Претседателот на Беса, Биљал Касами изјави денеска дека Движењето стои на ставовите за пад на овој режим и оти последните случувања со пратеникот Кастриот Реџепи докажуваат дека оваа власт е спремна на се за да остане на овие позиции.

-Се додека немам јасна слика и глас за пратеникот за својот став јас се сомневам дека тој против својата волја го има декларирано тоа што го има декларирано и не може да дојде во Собрание и да се искаже за својата политичка позиција, рече Касами.

Тој денеска, како што кажа, го нема контактирано Реџепи и нема информација каде се наоѓа.

-Вчера беше мојата последна информација и според целиот амбиент тој беше во рамки на позициите кои ги имавме како политичка партија, рече Касами.

Првиот човек на Движењето Беса истакна дека се додека Кастриот Реџепи не излезе и не каже дека тој став е негов и оти тоа е доброволно и нема некоја присилба, тој како човек и како претседател на Беса има право да се сомнева дека тој против својата волја се држи некаде и не може да дојде во Собрание и да излезе пред јавноста и да каже дека тоа е негов доброволен став.

Ако се потврди дека тоа е негов став, според Касами дополнително ќе се превземат мерки во партијата согласно статутот.

-Во моментов за нас е многу важно здравјето на пратеникот, да имаме комуникација за потоа да разговараме за другите опции, одговори на Касами на прашањето дали се преговара со други пратеници за обезбедување мнозинство за гласање доверба на Владата.

За тоа дали е пријавено исчезнувањето на пратеникот во полицијата, лидерот на Беса рече дека е во контакт со институциите и оти чека нивен одговор.

Касами претходно денеска во изјава за медиумите истакна дека не е изненаден од потегот на неговиот сопартиец, пратеникот Кастриот Реџепи.

Кастриот Реџепи, пратеник од Беса, кој беше потпишан на иницијативата за гласање доверба на Владата денеска не дојде на седницата и на својот Фејсбук профил напиша дека решил да не учествува на денешната седница на Собранието.

-Евроатлантскиот интегративен процес на државата е една моите и од основните цели на Движењето Беса. Имајќи ја предвид актуелната политичка состојба, оставката на премиерот Заев и заради процесот и силните пораки од стратешките партнери – САД и ЕУ, кои ми се соопштени од висок дипломатски претставник дека во месец декември државата има големи можности да добие датум за преговори со ЕУ, одлучив да не учествувам во оваа собраниска седница каде треба да се стави под прашалник оваа важна цел на државата и нацијата, наведе Реџепи во објавата.  (МИА)

Најнови вести