Катастрофална е состојбата по македонските трла, барем од она што може да се види од снимките кои пристигнале до редакцијата на „Инфомакс“ од сточар кој моли државата да понуди некаква помош за излез од кризата.
„Јагнињата никој не ги купува. Веќе пораснаа, умираат. Не можат да издржат. Државата мора да ни помогне, вака нема да издржиме“ – вели сточарот чие стадо, се плаши, ќе биде десеткувано поради немањето на доволен пласман, но и недостатокот од државна помош во кризната ситуација каква што е актуелната со коронавирусот.
Во средина на сезона на откуп на јагне, не е откупено ниту 20%. Нема откуп, а и оној што се изврши, се врши по многу ниска цена.
-Сезоната на откуп на јагне трае уште една недела, а како што сега стојат работите повеќе од половина од јагнето ќе остане неоткупени. Сточарите ќе се соочат со големи проблеми и загуби. Доколку не им помогнеме на сточарите сега, се повеќе сточари ќе ја напуштаат дејноста, и како држава ќе се соочиме со целосно замирање на дејноста – коментираше вчера на својот ФБ профил, зам.техничкиот министер за земјоделство Цветан Трипуновски.
Трипуновски понуди и решенија за излез од ситуацијата, а предложува субвенции од 700, односно 2000 денари за секое задржано женско јагне.