Грција нема да ги блокира амбициите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, но ќе очекува одредени отстапки за возврат, наведува „Катимерини“ пренесувајќи ставови на грчки аналитичари.
Весникот потсетува дека Европската комисија препорача одредување датум за почеток на преговорите за членство на двете земји во ЕУ и дека сега останува Советот на Унијата во октомври да ја донесе конечната одлука за ова прашање.
Извори во Кабинетот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за весникот изјавиле дека Грција „нема никому да каже „не“, но дека ќе постави свои услови“.
Аналитичарите оценуваат дека ваквиот став значи оти Атина ќе бара од Скопје стриктно почитување на Преспанскиот договор, а во исто време ќе врши притисок врз Берлин да ги прифати грчките барања за намалување на примарните цели на буџетскиот суфицит, наведува „Катимерини“.
Во случајот со Албанија, аналитичарите проценуваат дека Атина ќе инсистира на подобро почитување на правата на припадниците на грчкото малцинство во земјата, во согласност со меѓународните договори и регулативи.