среда, 13. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Католиците и дел од православните верници го чествуваат Божиќ

Католиците и дел од православните верници го чествуваат Божиќ

Католичките и протестантските верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар, денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божиќ. Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божиќна света литургија.

На литургијата присуствуваа определен број свештени лица и верници согласно протоколите за заштита од Ковид-19, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.

Бискупот скопски и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов, честитајќи им го празникот Божиќ на католичките верници на литургијата ја прочита божикната проповед.

– Драги браќа и сестри! Божиќ е. Со овој празник го славиме Христовото раѓање, овоплотувањето на Божјиот Син, кој, како што исповедаме во Верувањето, „Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение слезе од небото. И се овоплоти од Светиот Дух и Дева Марија и стана човек.“ Тоа е христијанската вера. Ние веруваме дека овој настан е конечното откровение на Бога во историјата на спасението, кое никој и ништо не може да го надмине. Во Посланието до Евреите читаме: „Бог, кој во старо време, откако многупати и на многу начини им зборуваше на нашите претци преку пророците, конечно во последниве денови ни зборува преку Синот“ (Евреите 1,1).

Ние христијаните, носејќи ја својата вера во Божјиот Син кој се овоплоти, се среќаваме со многу луѓе од други религии и различни уверувања. Верувам дека сè уште ни се во сеќавање сликите од „молитвената средба за мир“ која започна на 27 октомври 1986 година во Асизи на покана на папата Иван Павле II, а на која имав можност и јас да присуствувам, тогаш сѐ уште како студен, (но и членови на Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и тогашната ИВЗ на Југославија). Беше тоа убава сцена, каде во овој италијански град, родното место на Св. Франциск, големиот миротворец можеше да се види како собрани на едно место претставници на христијанските цркви и црковни заедници и водачи на големите светски религии – Муслимани, Евреи, Будисти, Хиндуси и претставници на помалите религиозни групи – секој на свој начин, но на исто место го славеа највозвишеното суштество кое сите религии го почитуваат со молитва, пост, молчење и поклонение со иста намера – за мир во светот. Оттогаш, секоја година во светот се одбележува Денот на Асишкиот дух.

Разбирливо, таквата сцена може да има и нешто збунувачки, нешто што кај нас го поставува прашањето: Која од овие религии го има вистинското спознание за Бог? Во што се наоѓа посебноста на христијанската Божја објава? Така, ние христијаните денес се соочуваме со посебен предизвик во светот, затоа што треба да дадеме оправдување за својата вера.

Бог, во историјата на човештвото, се објавува на различни начини на луѓето. Така нè учи и Вториот ватикански собор во документот „Nostra aetate“, кога вели: „Црквата не отфрла ништо што има вистина и свето во овие религии (…) и со искрена почит набљудува како тие често ги изразуваат зраците на Вистината што ги просветлува сите луѓе“ (NA 2). Тогаш, што е она што е ново, она што е посебно и поголемо во објавувањето на Исус Христос, она во што ние христијаните веруваме?

Божјата љубов кон Земјата е најдлабоката христијанска вистина. Затоа што и другите религии знаат дека Бог е богат на небото. Но дека самиот Бог сакал да се осиромаши со своето создание, дека страдал од небото за својот свет, дека со своето воплотување, страдање и смрт на крстот претрпел страдања и ја покажал својата љубов кон своето создание, е нешто нечуено.

Можеби другите религии ќе сметаат дека ова е понижување на Бог или уништување на мислите за Бог кој е семоќен и силен. Ние христијаните одговараме на ова: Бог е толку моќен, моќен и слободен што може да си дозволи да биде понизен и сиромашен. Во тоа тој ја покажува својата слава и големината на својата љубов. Љубов која сака да се поистовети со саканата личност, која сака да биде целосно на негова страна, дури и во беда и страдање. Љубовта секогаш сака да ја сподели судбината со саканата личност.

Една приказна, што сум ја слушнал, раскажува за некој си принц кој се заљубил во некоја си сиромашна девојка, а која што живеела во најсиромашната населба во близина на неговиот град. Тој сакал да се ожени со неа, но условот да се ожени со неа било дека треба да се откаже од сета раскош и да замине во сиромашниот кварт за да го сподели животот со својата сакана и да живее во сиромаштија. И навистина принцот го направил тоа, се откажал од сето свое богатство за да може да биде со онаа што неговото срце ја сака.

Оваа приказна има христијанска позадина. Во неа ни се отсликува тајната на Бог во која сам се облагороди и со своето овоплотување стана сличен на нас луѓето, земајќи човечки лик. Ова е она што ние христијаните го славиме на Божиќ. Всушнот, тоа св. Иван го пишува во светото Евангелие: „И Словото стана тело и се всели меѓу нас; полно со благодат и вистина; и ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“ (Иван 1,14).

Драги браќа и сестри! Денес, на Божиќ, ја славиме оваа голема тајна, оваа голема Божја љубов кон човечкиот род и секој човек. Тоа се случило во Витлеем во божиќната ноќ. Детето е родено во штала, но објавата во светот оди сосема незначително. Оние кои беа близу, пастирите кои го слушнале Божјиот повик, поверувале во него и го прифатиле. Пастирите сè уште биле способни да веруваат и да се восхитуваат. Тие со широко срце ја прифатиле пораката на Божјата спасителна љубов. Така ангелите, преку пастирите, можеле да му го соопштат на светот мирот кој според ова дете родено во штала, вистински кнез на мирот, треба да владее на земјата. Мирот им е ветен на сите луѓе со добра волја, бидејќи како Божји миленици се наоѓаат во Неговата благодат.

Бог богато нѐ обдарил во својот Син со својата целосна љубов. Бог сериозно размислува со нас, сака да нè откупи и спаси. Наше е дали ќе ја прифатиме неговата подадена рака, или ќе ја одбиеме! На сите ви посакувам среќен Божиќ! Амин!, истакна бискупот скопски и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов.

Божик денеска го слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија Грегоријанскиот календар. Преостанатиот православен свет, кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Македонската, Руската и Српската Православна Црква, Ерусалимската патријаршија, како и дел од монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.

Најнови вести