Умерен оптимист како и досега е алтернативниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос во однос на перспективите за постигнување решение на прашањето за името.
Катругалос, во интервју за грчката ТВ Скај, вели дека топката е на македонска страна, затоа што на Грција не ѝ се брза за решение, ниту има притисоци, ниту потреба од забрзување на процесот.
– Во однос на тоа дали може да се очекува решение, јас и понатаму сум, како што бев и на почеток, умерен оптимист дека постои прозорец за можност, а постои и соодветен напредок за доста од прашања што беа поставени од почеток. Топката, во суштина е на теренот на другата страна. Ние, имаме национален интерес да се реши, но немаме некој особен притисок. Ние не сме нетрпеливи да се реши, вели Катругалос, потенцирајќи дека сепак за Атина е важно да има решение.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, алтернативниот шеф на грчката дипломатија, вели дека промената на Уставот е дел од решението, „не може да постои решение без тоа и тоа е прашање за кое другата страна има друг став“.
-Сакаме да се регулираат сите прашања преку еден Меѓународен договор, ова беше и нашиот првичен став, но и прашањето за ревизија на Уставот. Затоа што сакаме да се исфрлат сите прашања поврзани со иредентизмот, да имаме целокупно решение, што ќе се имплементира за сите, ерга омнес, но сакаме да има и трајни карактеристики, а тоа може да го обезбеди само промена на Уставот, објасни Катругалос.