среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Кацарска на регионална конференција во Будва

Кацарска на регионална конференција во Будва

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска учествува на регионална конференција во Будва, Црна Гора, на која се дискутира за заштита на правата на приватност и улогата на уставните судови.

Во рамки на конференцијата Кацарска имала обраќање на тема „Улогата на Уставниот суд на Република Северна Македонија во заштитата на приватната сфера на граѓаните”, при што ја нагласила нужноста од воведување на уставната тужба и теоретски и преку конкретен пример со масовното прислушување.

Како што соопштија денеска од Уставниот суд, Кацарска се осврнала и на уставните одредби кои пружаат заштита на човечкото достоинство, заштитата на приватноста од областа на семејниот и личниот живот.

– Пред Судот може да се иницира индивидуална постапка за заштита на одделни слободи и права од приватната сфера наведени во член 110 алинеја 3 од Уставот, како што се слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Тоа е постапка уредена со Деловникот на Судот, која започнува со поднесување барање за заштита од страна на граѓанин, за повреда сторена со поединечен правосилен или конечен акт или дејствие на носител на јавно овластување. Меѓутоа, ваквата уставна заштита не е целосна, односно сеопфатна. Како пример може да се наведе случајот од пред неколку години, кога на јавноста во Република Северна Македонија ѝ беа презентирани докази за масовно кршење на приватноста на над дваесет илјади граѓани чија комуникација била неовластено прислушувана од страна на структури во Министерството за внатрешни работи. Притоа, преку овие нелегално прислушувани разговори имаше масовно кршење на слободите и правата од приватната сфера, заради што голем број граѓани трпеа последици, потенцирала претседателката на Уставниот суд.

За жал, додала таа, поради ограниченоста на индивидуалната уставно-судска заштита само на одделни уставни слободи и права, овие граѓани беа лишени од можноста да се обратат пред Уставниот суд и да бараат заштита.

– Во насока на надминување на ова, мојот став е дека преку уставна реформа со воведување на посебен инструмент – уставна тужба ќе се прошири опсегот на заштита на сите слободи и права од страна на Уставниот суд, утврдени со Уставот, истакнала Кацарска.

Регионалната конференција се одржува во периодот од 4 до 6 октомври 2023 година во Будва, со поддршка на германската фондација за правна соработка ИРЗ и меѓу учесниците присутни се: Штефан Пирнер, раководител на одделението на ИРЗ, д-р Удо Штајнер, поранешен судија од Сојузниот Уставен суд на СР Германија, како и претставници од уставните судови на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Покрај официјалниот наслов на дискусија, претседателката оствари и засебни средби со делегациите од другите земји на кои се споделија искуствата од практицирањето на уставната тужба/жалба во различните уставни судови.

Дополнително оваа тема е предмет на соработка и дискусија со германски експерти кои со поддршка од ИРЗ изработија студија за уставна жалба во Република Северна Македонија која ќе биде презентирана на регионална конференција.

Најнови вести