Министерот за економија Крешник Бектеши апелира сите трговци да ја почитуваат владината одлука за ограничување на трговските маржи на основните прехранбени производи зашто од неа, како што истакна, нема никој да загуби и највеќе ќе добијат потрошувачите, односно граѓаните на државата.
Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука согласно Законот за трговија ќе следуваат глоби во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.600 до 2.000 евра за мал трговец, од 3.000 до 6.000 евра за среден трговец и од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец.
Одлуката за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало стапи во сила денеска, а минатиот вторник ја донесе Владата по предлог на Министерството за економија. Со тоа, престанува да важи претходната одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи. Новата одлука, во која на листата на основни прехранбени производи се додадени и овошјето и зеленчукот, пченицата, суровото сончогледово масло и солта, ќе важи до 31-ви мај годинава.