Изминуваат последните денови од четиригодишното владеење на СДСМ на локално ниво во општина Пехчево. Ги одбројуваме последните денови на власта која пред четири години ветуваше се’ и сешто за живот на сите граѓани во Општина Пехчево ама од тоа ветување се оствари многу малку. Ветуваа изградба на градска капела, спортски игралишта, атмосферска канализација, почиста вода за пиење, ветуваа неиселување на младите, нивно враќање во родните огништа и што ли уште не, но за жал граѓаните на Пехчево не видоа ништо од тоа само беа излажани и изманипулирани, изјави на денешната прес конференција, Александар Китански, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Пехчево.
Тој истакна дека во изминатото четиригодишно владеење бевме сведоци на неколку видни случаи на непотизам при што само ги наведоа граѓаните да изгубат верба во институциите на системот.
– Затоа, почитувани мои сограѓани, јас Александар Китански како кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ за Општина Пехчево, ве повикувам да се обединиме и да ја вратиме довербата на вас граѓаните во институциите на системот и да кажеме крај на ова владеење на СДСМ. Пред се да се биде градоначалник на една општина е голема одговорност и ќе ми биде чест да работам во служба на моите сограѓани за да ја направиме Општина Пехчево подобро и помодерно место за живеење. Најпрво ќе се посветиме на решавање на горливите инфраструктурни проблеми како реконструкција на локалните патишта што ги поврзуваат околните населени места, улиците во градот и во селата. Ќе ја подигнеме хигиената во општина Пехчево на повисоко ниво, со расчистување на дивите депонии и одржување на зеленилото. Ќе се регулира водоводната и канализациона мрежа на ниво на општина, појасни Китански.
Кандидатот за градочалник истакна дека како локална власт ќе се трудат да ги потикнат малите и средни претпријатија да го зголемуваат својот обем со цел да обезбедат повеќе работни места за да се спречи иселувањето на младите.
– Ќе го промовираме Пехчево како прекрасна дестинација за планински туризам. Како еден од приоритетите ќе се потрудиме да обезбедиме нај современа противпожарна опрема и возила и да обезбедиме обука за млади волонтери-пожарникари. Тоа е само дел од приоритетните проекти кои ќе се најдат во мојата програма за 4-годишниот мандат. Начелата според кои се водам цел живот и со кои ќе се водам и во целата кампања и во мојот градоначалнички мандат доколку граѓаните ми ја дадат нивната доверба се чесност, работливост, транспарентност и отвореност, спрема сите луѓе без разлика на нивната политичка и верска определба, додаде Китански.