Адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски во своето гостување во телевизија 24 истакна дека обвинителката Вилма Русковска и обвинителството попрво би дозволиле да се урне зградата на судот отколку да се вештачи телефонот на Бојан Јовановски.
-Не можам да ја разберам неверојатната упорност, настојчивост и одбивност од страна на обвинителството и судот да се вештачи телефонот на Бојан Јовановски. Јас тоа не можам да го разберам. Доколку јас имам чист предмет како што тврди обвинителката што е проблемот да имате повеќе докази. Ние тоа го побаравме 3 пати во истрага, во листата на докази и уште еднаш со дополнување на докази. Мислам дека обвинителството толку се спротивставуваше за изведување на тој доказ што пре ќе се сруши зградата на судот отколку да изврши вештачење на тој телефон, вели Дуковски.
Адвокатот Дуковски потенцира дека во телефонот има разговори и докази кои ќе ја обелоденат вистината за овој кривично правен настан.
-Во телефонот можеме да збориме што има откога ќе видиме. Во телефонот како што тврди мојот клиент има разговори и многу докази кои што ќе ја расчистат правата фактичката состојба во овој случај, посочува тој.