четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Ќерката на докторката Масин: Фотографиите што ги видовме од Судска медицина не соодвествуваат со тоа што сега го тврди ЈО

Ќерката на докторката Масин: Фотографиите што ги видовме од Судска медицина не соодвествуваат со тоа што сега го тврди ЈО

Освен сопругот, ниту еден член од потесното семејство, во крвно сродство со починатата лекарка Јелка Спасовска-Масин не бил повикан на разговор во Обвинителството. Револтирани се од начинот на кој е водена истрагата, како и од фактот дека никој од МВР ниту од Обвинителството не ги повикал да им соопшти дека случајот ќе го затворат како самоубиство. Велат дека ќе бараат и дополнителна истрага.

– Изминативе месеци се сретнавме со обвинителката Валентина Бислимовска само двапати, и тоа на наше инсистирање. Бараме повторно средба, а дополнително контактираме и форензичари од странство. Има многу недоречености. Фотографиите што ги видовме од Судска медицина не соодветствуваат со тоа што сега го изјавуваат од Обвинителството, вели ќерката на починатата лекарка Јелка Масин.

Според информациите, на фотографиите од обдукцијата на телото недостасува дел од прстот, а за семејството сомнеж предизвикува и позицијата на телото во која била пронајдена познатата лекарка и професорка на Медицинскиот факултет. Дополнително, најблиските се сомневаат во верзијата за самоубиство и поради однесувањето на Јелка, кое со ништо не алудирало на тоа дека таа планирала да си го одземе животот.

Во оваа насока, мислењето на дел од невропсихијатрите е дека случаите за кои има сомнеж дека се работи за самоубиство треба да се анализираат подетално, или да се направи психолошка аутопсија и да се вклучат психијатри во форензичкиот тим, како што препорачува невропсихијатарот Мице Дудучки. За случајот со смртта на лекарката Јелка Масин, кој вчера Обвинителството соопшти дека е затворен како самоубиство, д-р Дудучки вели дека треба да се направи психолошка вивисекција и да се анализираат настаните кои ѝ претходеле на смртта за да се отстранат сите сомнежи.

– Овде се поставува прашањето за извршување психолошка аутопсија . Кои се мотивите за една солидна личност, која пред тој настан била здрава и успешна, претстоеле убави моменти како мажење на ќерката и подготовка на стручни трудови, и зошто во таква ситуација една личност би извршила обид за самоубиство или успешен суицид?

Во земјите во кои форензичката наука е понапредната, а особено кај самоубиствата, во форензичкиот тим се вклучени форензички психијатри. Кај нас нема таква пракса, а би требало да има. Самата анализа на случајот треба да биде со научен пристап од повеќе аспекти: емоционални, психолошки, соматски, социјални, со тоа ќе се склопат сите коцки од мозаикот за да дадеме одговор кој ќе биде стручен објективен и кој нема да остави место за сомнеж кај кого било, особено кај семејството, оти веројатно некои факти наведуваат на поинакви размислувања, вели Дудучки.

Основното јавно обвинителство вчера соопшти дека надлежниот јавен обвинител кој постапувал во предметот оценил дека нема место за јавнообвинителска интервенција во поглед на смртта на починатата лекарка од Клиниката за нефрологија и дека таа самата се лишила од живот, односно дека повредите по телото настанале од самоповредување и дека нема елементи на кривично дело.

Најнови вести