Противењето на опозицијата не се однесува на Бугарите во Македонија, туку на мешањето на Бугарија. Бугарите во Македонија, без разлика дали се македонски Бугари, или доселени од Источна Србија или Бугарија, мнозинството не се како Пендиков, криминалец инструмент во рацете на Софија, како Николас Константинидис или Кољо Дијамантот, инструмент во рацете на Атина, туку се вредни и лојални граѓани на Македонија. За тие Бугари, вредни и лојални граѓани на Македонија, вреди да се бара решение. ВМРО-ДПМНЕ не е против „Бугарите во Уставот“, туку е против „Бугарите во Уставот“ со уцена и диктат од Бугарија, вели Сашо Клековски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка и член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за весникот ВЕЧЕР.
Клековски, во интервјуто, зборува за можните сценарија за Македонија доколку уставните измени не се донесат, како и евентуалните решенија кои може да значат излез од актуелната статус-кво ситуација.
Се чини дека власта и опозицијата нема да се поместат од позициите што ги имаат за уставните измени. Вие сте член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, па од таа позиција ве прашувам каков план има опозицијата по ноември, кога е и крајниот рок за да се направат уставните измени и да заврши скринингот?
Во прашањето дека и власта и опозицијата нема да се поместат од позициите што ги имаат за уставните измени, има ризик од изедначување на власта на ДУИ и СДСМ и опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ, има ризик од „сите се исти“. Но не е така. Власта на ДУИ и СДСМ е таа што не се поместува од своите позиции, дефинирани со прифаќањето на „францускиот предлог“, а без консултации и наспроти барањата на опозицијата. Тоа власта не го направи од национални интереси, туку од теснопартиски интереси, како единствен начин на опстанување на власт. Опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ, водејќи се од националните интереси го отфрли францускиот предлог. Но ВМРО-ДПМНЕ со јасно евроатлантска ориентација, покажа конструктивност и даде три предлози како да се надминат стравувањата. Во сите три предлози ВМРО-ДПМНЕ не е против „Бугарите во Уставот“, туку е против „Бугарите во Уставот“ со уцена и диктат од Бугарија, и ВМРО-ДПМНЕ смета дека тоа нема да ја осигури интеграцијата на Македонија во ЕУ, односно дека и со „Бугарите во Уставот“, Бугарија без промена во тамошната политика и понатаму ќе ја уценува Македонија и ќе бара отстапки од Македонија кои се против македонските националните интереси.
Цела анализа може да се посвети на следните бугарски уцени. Пример, да се оспорува пописот и да се бараат 120.000 Бугари во Македонија, наместо 3.400 попишани, и соодветно со тоа да се бараат вработувања во јавната администрација или употреба на бугарскиот јазик во јавни училишта и други јавни употреби. Или, пак, во Комисијата за историја да се инсистира на пример дека Гоце Делчев е етнички Бугарин, и доколку тоа не го прифатиме, сами ќе ја прекинеме ЕУ интеграцијата, бидејќи Комисијата за историја мора да ја заврши работата до нашето ЕУ членство. И тука да нагласам дека не постои страв или несигурност во македонскиот идентитет, напротив постои голема сигурност и самодоверба. „Бугарите во Уставот“ нема да нè направи Бугари, но ќе внесе нов проблем кој ќе ја троши енергијата на нацијата, наместо таа да биде насочена кон развој и напредок. И противењето не се однесува на Бугарите во Македонија, туку на мешањето на Бугарија. Бугарите во Македонија, без разлика дали се македонски Бугари, или доселени од Источна Србија или Бугарија, мнозинството не се како Пендиков, криминалец-инструмент во рацете на Софија, како Николас Константинидис или Кољо Дијамантот, инструмент во рацете на Атина, туку се вредни и лојални граѓани на Македонија. За тие Бугари, вредни и лојални граѓани на Македонија, вреди да се бара решение.
И покрај ризиците, а водејќи сметка дека и ЕУ интеграциите се национален интерес на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ понуди три предлози. Првиот предлог- преамбула, според „хрватскиот модел“, бараше да се дефинира Македонија како национална држава на македонскиот народ, беше премолчена или отфрлена. Потоа следуваа два нови предлога кои имаат два заеднички елементи и се разликуваат во однос на изборите. Двата заеднички елементи се заштита на националниот интерес и Влада без учество на ДУИ. Во првиот за уставни измени сега, веднаш, без избори, со уставни измени со одложена примена, како заштита на националниот интерес и со Влада без ДУИ. Во вториот, уставни измени по изборите, повторно со Влада без ДУИ со знаци на добра волја од Бугарија на пример со регистрација на македонски здруженија, резолуции на добра волја од големи држави, и пакет на економска и финансиска поддршка на Македонија. Оттука ВМРО-ДПМНЕ нуди решенија како да се стигне до уставни измени, а власта е таа што не се поместува од своите позиции.
Во неколку наврати досега се покажа дека немаме консензус за најважните државнички прашања, впечатокот е дека немаме некоја култура и чувство за заедништво, но и за преговарање? Вака како што стојат работите, може ли уставните измени да бидат првото нешто со што ќе покажеме дека можеме поинаку?
Не би се сложил со црно-бела слика на работите. Најважните државнички прашања како независноста на Македонија или Уставот на Македонија се направени како широк консензус. Да го споменам и тука Охридскиот рамковен договор кој постигна политички консензус. Но и повеќе закони кои се донесени со двотретинско мнозинство. Од друга страна е јасно дека имаме сериозен недостаток на политички дијалог. Банален пример е употребата на ЕУ знаме за да се избегне политички дијалог. Тоа е рефлексија на една авторитарна политичка култура, наше историско наследство, но и резултат на современата политика. За тоа да се надмине потребно е сериозна реформа на политичките партии и одговорно лидерство. И тоа е наш сериозен недостаток и за дома и за нашите ЕУ интеграции, бидејќи политичкиот дијалог, разговори, преговори, договарање се основата на институциите во ЕУ.
Непочитување на политичкиот дијалог имаше во сите претходни власти, па и во тие на ВМРО-ДПМНЕ, но најсериозно кршење беше изборот на нова власт на ДУИ и СДСМ и последователното склучување и насилно спроведување на Преспанскиот договор. Тоа сериозно ги разниша институциите и Македонија плаќа висока цена за тоа. За уставните измени. Власта без какви било консултации и наспроти опозицијата го прифати францускиот предлог. Не е политички дијалог, туку е диктат тоа да се прифати. ВМРО-ДПМНЕ даде свои предлози, кои власта не ги прифати. Така не е возможно заедништво. Сега е возможно само да разговараме за избори и нова легитимна власт која ќе треба постигне заедништво по ова и многу други прашања.
Долги години наназад ја следите и анализирате политичката сцена, како искусен аналитичар, што според Вас е полошо за Македонија, да го смени Уставот или да се врати целосно на почеток?
На почеток, мислите на нов договор со ЕУ. Прашањето не е или-или. Македонија е резултат на стремежот и борбата на македонскиот народ за своја независна држава, и без тоа Македонија нема причина за постоење. ВМРО-ДПМНЕ го штити тоа. Истовремено постои посветеност на ЕУ интеграциите и ВМРО-ДПМНЕ даде предлози како до уставни измени, со намален ризик.
Но најлошо не е ниту промената на Уставот, ниту враќање на почеток, туку промена на уставот на „преспански начин“, со кампања на страв, заплашување, уцени, закани, киднапирања. Од банални заплашувања, како тоа на Бујар Османи дека Македонија не може да постигне владеење на правото и независно судство без ЕУ членство. Прво тоа е лага, најдобар пример за тоа е Бугарија, најкорумпирана членка на ЕУ. Второ, тоа ја убива надежта дека ние граѓаните на Македонија можеме самостојно да направиме држава, а во ЕУ се примаат држави, а не пропаднати држави. Па повторно Бујар Османи говори за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои се европски ориентирани. Глупост невидена, па сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се европски ориентирани. Друго ако Бујар Османи под европски ориентирани пратеници мисли на киднапирани пратеници како Кастриот Реџепи. Такви нема. ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори соодветно и нема да дозволи евентуален „преспански начин“, бидејќи тоа ќе биде погубно за Македонија.
Што очекувате од средбата најавена за четврток со министрите за надворешни работи на Чешка, Словачка и Австрија?
Тоа се пријателски земји, од кои со Чешка и Словачка имаме заедничка дамнешна историја, а и заедничко разбирање за сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј. Но не очекувам многу од таа посета. Како и од резолуцијата во Бундестагот на Германија. Да тоа се чекори во правилна насока и се за поздравување. Но ние немаме проблем со тие земји. Ние имаме проблем со Бугарија и нивните надвор од здрав разум барања, кои се сведуваат на уцена и диктат. Без промена на политиката во Софија, порано или подоцна ќе дојде до блокада на нашата интеграција во ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ бара и најмал знак на добра волја од Бугарија, на пример како регистрација и слободна работа на македонски здруженија.
Што ако на следните избори дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт, а уставните измени останат како услов?
Сметаме дека една Влада со интегритет, чесност, достоинство и одговорност може да го заштити националниот интерес на подобар начин од една Влада без интегритет, неодговорна и корумпирана. И доколку останат условите, во нашите три предлози кои веќе ги образложив, има дефинирано како ВМРО-ДПМНЕ планира да ги спроведе уставните измени, или со одложено важење или со поддршка од големите сили и знаци на добра волја од Бугарија, како и пакет за поддршка.
Дали според сегашната политичка клима, може парламентарните избори да се случат до крајот на годинава или веќе е сè поизвесно дека тие ќе бидат во редовниот термин идната година?
На власта на ДУИ и СДСМ, ЕУ интеграциите им се последен реален интерес, тие се само алатка за опстанување на власт. Тоа се виде изминатава година, колку време посветија на уставните измени, а колку на договорот со „Бехтел и Енка“. Власта ќе замајува со уставните измени сè до крај. Прво со надеж дека така ќе порасне притисокот врз ВМРО-ДПМНЕ и уставните измени се истуркаат, што би довело до пад на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и така ДУИ би станала фактор за правење влада. Второ, ако не помине тоа, да останат на власт до последниот момент да докрадат што може да се украде.
И сегашното ветување дека уставните измени ќе бидат доставени во Собрание за две недели, се со роковник да не се знае исходот до септември или октомври и со тоа се одложат изборите. Доколку не бидат изборите оваа есен, нема логика да бидат пред претседателските избори, туку најлогично е тие да бидат заедно со претседателските избори
Се спрема ли ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори, ќе имате ли свој кандидат? Од „кујната” на СДСМ веќе се лиферуваат имињата на потенцијалните кандидати како што е екс-премиерот Заев, министерот за внатрешни Оливер Спасовски, актуелниот претседател Пендаровски …
Секако дека ВМРО-ДПМНЕ се спрема за претседателските избори во 2024 година. За ВМРО-ДПМНЕ е важно за успешноста на претседателските избори, тие да се одржат заедно со парламентарните избори. Ем успешни претседателски избори, ем поевтино спроведени двојни избори, ем со избори во пролетта 2024 година, новата влада ќе има доволно време за откочување на ЕУ интеграциите. И во ВМРО-ДПМНЕ има потенцијални кандидати, некои имиња лиферуваа и некои медиуми. Со кандидатите сега се разговара и се мери нивната поддршка во јавноста. И не само дека ВМРО-ДПМНЕ има кандидати, туку има повеќемина кандидати кои можат да ги победат кандидатите на СДСМ. Кандидати кои и ако и кога нема да бидат претседатели на Македонија, ќе останат во Македонија посветени на нејзиниот развој и напредок, за разлика од кандидати на СДСМ кои би се иселиле ако не се претседатели!