Историјата на Македонија и македонската култура воопшто не се и не треба да бидат теми за политичко пазарење. Се надевам оваа книга, како и книгата „Прогласот на Константин Филозоф – Свети Кирил“, што деновиве излезе од печат и која содржи прилози на старословенски, словачки и македонски јазик ќе послужат како водилка за долгоочекуваното и посакувано обединување на ставовите на македонските политичари во врска со ова прашање.
Ова денеска го нагласи академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ на промоција на колективното издание „Прилози кон историјата на Македонија и македонската култура“ приредено од академик Катица Ќулавкова, што се одржа денеска на платото пред МАНУ.
-Оваа книга не им се обраќа на оние кои ја доведуваат во прашање нашата посебност како народ и култура, најмалку им е упатена на нашите источни соседи од кои не ни треба никакво смешно признание или каква комична согласност за тоа дека постоиме, рече во промотивниот говор академик Витомир Митевски.
Македонскиот народ, вели тој, има своја колективна меморија и неа не може да ја изрише никаков политички договор.
-Тука објавените трудови на нашите еминенти специјалисти од разни области се само еден посебен израз на таа наша меморија… Сите тие сведочат против небулозите на оние што си вообразуваат дека кај нас се започнало од 45-та година на минатиот век… Реалноста говори за нешто сосема друго. Корените, не само на македонскиот јазик, туку и на култура, воопшто, се многу подлабоки, стари векови наназад, рече Митевски, посочувајќи дека книгата е поделена на четири поглавја.
Во својот говор, академик Катица Ќулавкова посочи дека книгата има за цел да понуди непристрасно читање на историските документи важни за разбирање на историскиот континуитет.
-„Прилозите кон историјата на Македонија и македонската култура“ имаат цел да понудат непристрасно читање на историските собитија, документи, артефакти и околности важни за разбирање на историскиот континуитет со македонски предзнак. Повод за него беше освен вечниот копнеж по вистината ултимативниот и посесивен став на некои политички, делумно и научни кругови во соседството, став кој успеа да се интернационализира и рефлектира врз современите македонски состојби и врз статусот на македонската држава. Свесни дека не постојат фиксни и непроменливи историски приказни, туку плурални слики на историското минато и дека секој колективен и државно правен субјект има право на своја интерпретација на минатото, сегашноста и иднината, ние одлучивме да направиме дијагонален пресек на историјата на Македонија од древните епохи до средината на 20 век, посочи Ќулавкова. (МИА)