Во денешното издание на дебатната емисија “Што не е јасно” на Алфа ТВ гостуваше претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев кој се осврна на проблемите околу договорот со Република Бугарија, како и за актуелните политички случувања.
Коцарев потенцираше дека проблемот со Бугарија не е моментален и не е нов, туку тој датира од многу порано и со секое негово појавување и активирање, само се раздлабочува проблемот и зајадливоста помеѓу Македонија и Бугарија. Тој исто така посочи на тоа дека не е во ред и после долги години бугарскиот народ, односно Бугарите да ја блокираат Македонија на патот кон ЕУ, бидејќи некои работи се разрешени многу одамна и нема потреба повторно да се отвораат.
Според Коцарев, ваквото однесување од страна на Бугарија не е на своја рака, односно тој вели дека големите сили имаат голем удел во делувањето на бугарската дипломатија. Коцарев додаде дека ваквите потези се синоним на висока политика која не ја креираат Македонија и Бугарија, туку некој од повисоки инстанци. Самото такво делување потврдува дека Бугарија не е толку силна како што се претставува, односно дека таа не се прашува всушност за ништо.
-Македонија е пред многу предизвици. Ќе мора да се носи и со надворешните притисоци, но и со внатрешните. Мора да се направи регионална и глобална анализа. Според мене сме доволно спремни да го изменаџираме периодот кој следи, се со цел да не се наштети на Македонија. Факт е дека помалите земји немаат право да се мешаат во креирањето на високите политики, особено не кога во игра се гиганти од типот на Америка, Кина и Русија. Но, ќе се бориме колку што ќе ни се дозволи, вели Коцарев.
Македонија има голем проблем со здравствената и економската криза и во моментов мора да се посвети најмногу на тоа. Глобалните проблеми се нешто што не смее да се одмине, но сепак ситуацијата ни налага прво да си помогнеме внатре кај нас. Прашањето со Бугарија нема да се затвори со само еден договор или пак да не се затвори поради тоа што во моментов ситуацијата таква каква што е. Прашањето за Македонија и Македонците е големо и тоа ќе трае и понатака, но најважно е македонскиот народ да биде спремен и мудар во одлуките во иднина, заврши Коцарев.